Достапни линкови

Владата не исплаќа субвенции, ама повторно се задолжува


Архивска фотографија: Прес-конференција на вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за финансии Кирил Миновски на 26 октомври 2016
Архивска фотографија: Прес-конференција на вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за финансии Кирил Миновски на 26 октомври 2016

Нејасно е зошто е потребно последното задолжување од 49 милиони евра, имајќи предвид дека владата не ги исплаќа субвенциите, велат дел од економистите.

Денешното задолжување на Владата од 49 милиони евра од економистите е оценето како непроблематично, но се укажува на нејаснотиите околу искористувањето на парите што се позајмени во изминатите неколку месеци. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека најновото задолжувањето е со цел да се вратат претходно земени пари во идентичен износ. Но, според него, дискутабилна е намената на претходното задолжување од над 30 милиони евра што беше направено од Новa Година досега. Нејасно е зошто е потребно последното задолжување, а не се користат оние средства коишто беа позајмени во изминатите четири месеци, вели Најдовски

„Се поставува прашањето зошто се потрошени тие пари ако се знае дека обврските од буџетот не се исполнуваат како што се на пример субвенциите или обврските кон одреден број добавувачи, обврски кои ги има буџетот. Затоа се поставува прашањето зошто е направен дефицит од 3,5 милијарди денари во изминатите три месеци, бидејќи податоците се заклучно со 31 март“, вели Најдовски.

Тој посочува дека се гледа оти буџетот има суфицит во март со оглед дека не се исплатени субвенциите, а за кои до крајот на јуни ќе треба да се обезбедат 80 милиони евра. Најдовски вели дека Министерот за финансии излегува со изјава дека има пари во буџетот, а од друга страна се задолжува за враќање на стари долгови. Ако не се извршуваат предвидените плаќања, тогаш логично е да се вратат со оној дел што останува од буџетот со неизвршените плаќања, вели Најдовски. Тој додаде дека тоа покажува оти претходните задолжувања на Владата се неефективни и оти немаат способност да генерираат приходи со кои би можеле да се враќаат старите долгови.

Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека треба да се истакне оти темпото на раст на јавниот долг во последно време е намалено. Тој како пример го посочува податокот дека на крајот на март јавниот долг е понизок во споредба со крајот на 2016 година за околу 40 милиони евра.

„Генерално, има позитивни тенденции, ако се гледаат задолжувањата. Негативно е што реализацијата на трошењата на буџетските средства во првите три месеци е послабо од планираното и тоа особено се однесува на капиталните расходи и субвенциите кои не се исплатени“, вели Јовановиќ.

Според него, позитивните движења кај јавниот долг веројатно се последица на тоа што владата поради политичката криза не успеала да ги реализира обврските. Тоа значи дека по разрешувањето на политичката криза, кога ќе треба да се реализираат обврските, темпото на задолжување повторно ќе треба да порасне, вели Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG