По земјотресите се очекува смирување

Локација на земјотресот во регионот на Охрид.

Сеизмолозите велат дека во овој простор обично земјотресите се со послаб интензитет и очекуваат во наредните недели смирување на тлото.

Серијата потреси кои во изминатите две недели го погодија подрачјето на Охрид, внесоа вознемиреност кај жителите на градот и кај туристите. Засега нема информации за поголеми штети од потресите, иако охриѓани велат дека силно го почувствуваа потресот кој достигна до 5 степени. По овој земјотрес, десетина експерти за проценки на оштетувања од Институтот за земјотресно инженерство се на терен и тие констатирале дека има минимални оштетување на многу стари објекти и напукнување на ѕидови кај некои нови објекти.

Директорот на Институт за земјотресно инженерство и и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Михаил Гаревски, вели дека нивните екипи најнапред ги посетиле училиштата, градинките и болниците и оти не констатирале оштетувања, освен кај една градинка чиј објект е затворен поради мала пукнатина.

„Екипи одат и по пријава на граѓани на штети во Центарот за Управување со кризи, но може да се каже дека нема големи оштетувања, освен паѓање на малтер или оштетување на некои оџаци, што е карактеристично за магнитуда 5 кај многу лоши неквалитетни објекти“, вели директорот на ИЗИИС Михаил Гаревски.

Професор Ивица Милевски од Институтот за Географија во Скопје, вели дека Охридското подрачје е епицентрално и сеизмички активно подрачје, каде се јавуваат почести земјотреси. Според него, главната причина за појавата на земјотресите во Охрид е постоењето на длабоки пукнатини, кои се протегаат долж западната и источната страна на планината Галичица и на север до Косовскиот расад.

„Постојат напрегања во овој период кои бараат начин како да ја ослободат таа вишок енергија. Ова е собрана енергија од притисокот на блоковите на тн Охридски тектонски блок од една страна, Преспанскиот блок од друга страна и меѓу нив е блокот на Галичица. Тие се меѓусебе вклештени и нормално е по некое време, дали тоа ќе биде по пет или по 100 години да се јави манифестација на ослободување на таа напреганата енергија која е во вид на земјотрес“, вели професор Милевски.

Во однос на можноста земјотрeсот да е предизвикан од вулкaн директорот на ИЗИС. Гaревски вели дека нa Балканот нема живи вулкани и не може да се активира нешто што не постои.

„Околу селото Косел тоа се геотермални појави, не пости лава. Не е благодарно да се предвидува, но сеизмолозите веруваат дека земјотресот со магнитуда 5, кој се почувствува и во Скопје наликува дека тој е главниот удар и очекувам во наредните недели да дојде до целосно смирување на тлото“, вели Гаровски.

Сеизмолозите додаваат дека значајно е што во овој простор обично земјотресите се со послаб интензитет најчесто меѓу 3 и 4 степени.

Во однос на предвидувањата како ќе биде понатаму, професор Милевски укажува дека не треба да се стравува, зашто, според историски податоци, во охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4 магнитуда се многу ретки (на 50-100 години), со над 5 магнитуда се уште поретки (на 300-500 години), а со и над 6М на околу 2000-3000 години еднаш.

„Тешко е да се предвидува како ќе биде понатаму, но со оглед на тоа што имаше скоро илјада земјотреси за релативно краток временски период од 15 до 20 дена претпоставувам дека од енергијата што била апсорбирана во тој сеизмички јазол значителен дел од енергијата е веќе отпуштена и се претпоставува дека постепено во следните денови и недели, а можно е дури и месец два да дојде до намалување на активноста и до појава на послаби земјотреси“, вели Милевски.

Инаку овој земјотрес е двапати послаб од скопскиот минатата година, но сепак има одредени оштетувања главно предизвикани поради послабиот начин на градба.

Како што објаснуваат сеизмолозите за разлика од скопското подрачје, каде што заради катастрофалниот земјотрес 63 година значително е подобрена сеизмичнотста на градбите, во охридско се уште има градби кои се релативно со послаб материјал, како што се постарите градби.