Вработувањето по завршувањето на студиите не им создава голема главоболка на младите Чеси. Во државата за секој студент или скоро дипломиран млад човек има по две слободни позиции за работа, а Чешка повеќе стравува дека нема доволно работници за сите слободни работни места, отколку дека нејзините граѓани ќе живеат во неизвесност и без работа. На европско ниво во однос на вработеноста, Чешка е државата како која сите сакаат да бидат кога ќе пораснат, бидејќи стапката на невработеност е 3,2 отсто, што е најниско во Европската унија.
Во Чешка невработени се само они кои не сакаат
Мнозинството Чеси, како што покажуваат истражувањата на центарот за социолошки анализи „Стем“ во Прага, сметаат дека во државата невработени се само оние кои не сакаат и не се заинтересирани да работат. Изборот на работни места во домашните компании, индустријата и странските фирми, од најдобро платените во ИТ секторот, до поскромните за работа во маркетите е голем. Иако има одлив на високвалификувани работници, како доктори за повисоки плати во соседната Германија, сепак не постои чувство дека мора да се замине од државата за да се има подобар живот и плата која ќе овозможи финансиска стабилност. Доволно работа има и за младите. Бројките на чешката статистика покажуваат дека невработеноста меѓу младите до 24 години е 10 отсто. Студентите и тазе дипломираните ги потврдуваат бројките и велат или веќе имаат најдено работа, или се во позиција да бираат од понуди на повеќе работодавачи или пак си даваат простор за 2-3 години искуство во странство и патување пред да се посветат на вработувањето во Чешка.
Потрагата по работа трае неколку недели
Мирек Хејздерал, апсолвент на студии по политичка географија на Карловиот универзитет во Прага, е уверен дека за една до две недели може да најде работа во чешката престолнина.
„Сметам дека е многу лесно да се најде работа во Прага, бидејќи има огромен број компании за ИТ, за маркетинг, за различни сектори. Ако навистина сакате да работите, тогаш ќе најдете работа за една до две недели“, вели студентот Мирек Хејздерал.
Неодамна вратен од шестмесечната платена практика во Романија, Мирек е еден од многуте млади Чеси кои за време на студиите работат во различни ЕУ држави за подобро лично и работно искуство, но потоа се враќаат назад бидејќи сакаат да останат да живеат и работат во Чешка.
„Бев во Романија половина година, бидејќи имав повеќе од шест месеци време додека ги чекав последните испити и се обидов да стекнам работно искуство таму. Сега би сакал да продолжам во Чешка, бидејќи знам дека можам да најдам работа и дека искуството од Романија ќе ми помогне да најдам подобра работа со подобра плата и услови“, вели тој.
Со сличен став е и Адам Хотови, студент по економија од чешкиот град Острава, кој пред неколку години работел во Британија, а летово се подготвува да замине на работа во Швајцарија.
„Сакам да останам во Чешка. Јас сум од оние студенти кои велат да одиме во странство на 3-5 години, да стекнеме што повеќе искуство и потоа да се вратиме и тоа да го искористиме тука за да помогнам да се развие државата. Добро е да се оди во странство, но потоа е добро и да се вратиме во Острава и да ги имплементираме знаењата за регионот да напредува“, вели Хотови.
Како студент по економија и дел од тимот на студентската организација „АИСЕК“, Адам редовно ги следи трендовите за вработување на студентите. Посочува дека пред три години според чешката статистика, студентите барале работа околу шест месеци, додека пак сега максимално се бара работа четири месеци.
„Сега има две, три позиции за еден студент, што е добро кога ќе споредиме со ситуацијата пред пет години кога имаше една позиција за двајца студенти. Работите се сменија многу брзо“, вели Адам, додавајќи дека особено во ИТ секторот, каде има голема понуда на места се вработуваат и ученици од средните училишта и предност се дава на знаењата и вештините, а не на факултетската диплома.
Конкуренцијата поттикнува подобри услови за работа
Ивана Бартонкова, студент од Словачка по општествени науки на Карловиот универзитет во Прага и координатор за студентска пракса во „АИСЕК“ вели дека фактот што има повеќе позиции од луѓе ги поттикнува компаниите да нудат подобри работни услови за вработените.
„Компаниите мора да нудат подобри бенефиции, поконкуретни плати и навистина да се грижат за вработените бидејќи тие, вработените се оние кои се во позиција да бираат“, вели Бортонкова.
Студентите често прифаќаат работа која можеби не е она за кое сонувале како прва почетна позиција за да стекнат работно искуство, но им помага да се осамостојат финансиски и да може сами да платат за својот стил на живот, патувањата, поскапите телефони и компјутери. Сè поголем дел од младите се обидуваат да се осамостојат по факултетските денови. Некои делат станови со цимери и пријатели, други кои имаат подобро платени позиции и поголемо искуство се осмелуваат да земат хипотека и да купат свој стан.
„Сите мои пријатели почнаа да работат како студенти и некои од нив само продолжија на овие места, менувајќи се од хонорарни на постојани позиции. Всушност не познавам никого кој бара работа и не успеал да најде“, вели Ивана.
„Ја имаме најниската стапка за хипотека сега и многу студенти по дипломирањето го користат ова за да купат куќа или стан. Сега 34 отсто повеќе студенти во споредба со 2012-2013 купуваат станови. Луѓето не се плашат, ситуацијата е економски стабилна, лесно може да најдат работа и знаат дека ќе имаат стандард и плата да ја исплатат хипотеката“, додава Адам.
Членството во ЕУ отвори многу врати
Стабилната економска и политичка ситуација, заедно со добрата географска поставеност на Чешка се дел од причините што во државата има голем прилив на странски компании и инвестиции, кои придонесуваат за отворањето нови работни места. Но, според младите Чеси, клучен фактор што чешкиот стандард, вработеноста и странските директни инвестции одат во нагорна линија во оваа некогаш затворена држава поради строгиот комунистички режим, е и членството во ЕУ.
„Влезот во ЕУ ја отвори цела Европа за нас, може да работиме каде сакаме многу лесно. Може да работите насекаде, може да патувате без никакви проблеми, што беше невозможно за моите родители на пример“, коментира Мирек.
„Тоа што сме во ЕУ помага многу. Иако јас сум само во Чешка, држава со која бевме едно многу години, за мене е полесно, бидејќи може да студирам бесплатно на Чешки и мојот јазик е прифатен тука. Но дури и да бевме во некоја друга држава ќе ги видевме предностите како иста валута, колку лесно може да се патува, работи кои не можеа да се замислат пред 25 години“, вели Ивана.
Чешка од европските фондови од 2007 до 2020 добива речиси 50 милијарди евра за проекти за развој на различни сектори во државата, а еден од приоритетите е намалување на невработеноста. Од 2014-2020 со фондовите се одредени 2,1 милијарда евра за зголемување на вработеноста во државата, преку отворање нови работни позиции, преквалификување, поддршка за основање мали и претпријатија и старт-ап компании.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во Македонија иселувањето на младите е сериозен проблем
Младите во Македонија се на сосема поинаква бранова должина од нивните чешки колеги. Стандардот и платите во Чешка и Македонија се драстично различни, просечната во Прага е 1.000 евра, во Скопје нешто над 350 евра, но изненадува фактот дека цените за основните прехранбени производи, јавниот транспорт и трошоците за државните услуги и не се толку различни. За разлика од трендовите во Чешка, во Македонија иселувањето на младите со години е еден од најсериозните проблеми. Стапката на невработеност кај младите според бројките на Светска Банка е околу 50 отсто. Разочараноста од тешкотиите за вработување, ниските плати, неможноста за финансиска самостојност и општата состојба во државата преовладуваат над оптимизмот и младите се повеќе размислуваат да ги спакуваат куферите и среќата да си ја пробаат во странство. Според истражувањето на фондацијата Фридрих Еберт во 2016, 80 отсто од младите размислуваат да се иселат од Македонија.
Младата Климентина Ѓоргиоска, првенец на генерација на политички науки на Солунскиот универзитет Аристотел, пред една година се врати во Македонија, но повторно размислува да си замине. Нејзниот оптимизам дека ќе ја гради иднината во Македонија спласнал од неколку причини: тешките социоекономски услови, неколкумесечното неуспешно барање работа и вработување во фирма неповрзана со нејзината струка.
„Се вратив со оптимизам во Македонија дека овде ќе најдам работа и ќе продолжам да ја градам иднината во својата земја, но за жал се соочив со тешка економска и политичка состојба. Ја затекнав на средина онаа политичка криза со која Македонија се соочуваше изминатава година, потоа претераната поларизација во меѓучовечките односи и голема омраза. Во главно тоа и економските причини, ниските плати, лошиот стандард и неможноста да се има еден достоинствен живот во Македонија ме натераа повторно по една година да барам можност за излез од Македонија“, раскажува Климентина.
За сопствен стан може само да се сонува
Со онаа плата која ја добива сега, во услови кога мора да плаќа кирија и сметки во Скопје, не ни помислува дека може да заштеди нешто, или да купи сопствен стан или возило за да биде целосно финансиски независна, а основните работи како излегувањето и забавата и претставуваат мал луксуз.
„Дури ни за една деценија не би можела да се осамостојам добро финансиски во Македонија со платата која ја земам во моментов, не само јас туку и многу мои врсници, кои сега се на почеток на својата професионална кариера. Платата е претерано ниска, стандардот е исто така многу низок, а цените се многу високи, значи дури ни оние основни услови за излегување, за добар општествено-културен живот на еден млад човек не ги уживам во овој момент, а тоа се нормални услови. Врсниците во останатите европски држави со своите плати живеат многу подобар живот“, додава таа.
За Злата Голабоска, архитектка која работи на проект на Европската волонтерска служба во Атина, разочарувачки било непочитувањето на работничките односи и ниското вреднување на архитектонската струка во Македонија. Кога одлучила да си замине од државата работела два месеци во кафуле во Скопје и вели заработувала двојно повеќе како келнерка отколку како архитект. Од Македонија прво заминала за Србија, а потоа за Грција. Условите за живот и напредок во работата таму за неа се неспоредливи со оние во Македонија.
„Тука ако некој се труди може да постигне нешто. Во Македонија не. Во Македонија мора да бидеш роднина на политичар или заветен на партијата која е на власт. Мотивацијата која ја имам тука е многу различна со таа во Македонија, бидејќи во Македонија и да имаш добра идеја нема да наидеш на поддршка од другите, сите ќе велат ајде залудно ти е тоа“, вели Злата.
По работа се трага со години
Од младинските организации кои ги следат трендовите со вработувањето, образованието и иселувањето на младите коментираат дека условите во Македонија не се соодветни за младите и тие немаат друг избор освен да заминат. Триесет отсто од младите кои не се вработени, а барале работа се иселиле од државата, а 45 отсто од младите на возраст од 15 до 35 години си заминуваат, вели претседателката на Младинскиот Образовен Форум, Сандра Анастасовска.
„Истражувањата покажуваат дека најголем број невработени лица се оние од 24 до 35 години. Само што ќе завршиме со студиите ние се соочуваме со тоа да не можеме да најдеме работа, а при тоа истражувањата велат дека младите бараат работа повеќе од 12 месеци, што ги става во рамка на долгорочна невработеност, која може да се задржи и до пет години. Тоа ни кажува и дека младите се соочуваат со психички болести, стрес, социјална исклученост“, потенцира таа.
Фрустрациите кај младите, како што вели Анастасовска, растат поради тоа што дел од нив по дипломирањето се принудени да живеат со родителите и да го поминуваат месецот со дополнителна финансиска помош од нив. Финансиската независност е една од клучните причини што политикологот Димитар Николовски пред четири години заминал од Македонија и покрај добрата работа во Скопје. Сега го подготвува докторатот и предава на институт за политички науки во Полска. Смета дека во Македонија можеби по неколку години ќе успеел да стекне некаква финансиска независност, како онаа што ја има сега во Полска, но не сакал да ги помине своите 20-ти години во фрустрации.
„Веднаш по двете магистерски се вратив во Скопје, не сакав да се оттуѓам од Македонија. Работа најдов лесно на почетокот, ја најдов преку некои контакти кои ги имав од студии и веднаш почнав да работам, потоа променив работа и бев во невладиниот сектор, но секогаш имав намера да излезам надвор и да студирам докторски студии, бидејќи не ми беше позитивно искуството на додипломските студии на правен факултет. Барав докторски студии во странство, една од причините беше дека сакав да биде во странство, а втората дека со оглед на тоа колку заработував работејќи работа која ја сакам во Македонија, не можев да бидам независен. Живеев на 25-26 години со родителите, имав доволно за да излегувам во град, но не и за да се чувствувам како независен возрасен човек“, вели тој.
Покрај ниските плати, младите ги посочуваат и лошите работнички односи, како непријавувањето, непочитувањето на деновите за одмор, неплаќањето на прекувремена работа.
„Немавме каде да се обратиме и пожалиме, не само како млади архитекти, туку како млади работници. Немаше кој да не заштити, немаше каде да се пожалиме дека не ни се исплаќаат плати, дека не се исплатени работни часови и денови. Моментот на незаштитеност, кој го очекувам од една татковина, зборот ’татковина’значи дека тоа е татко кој треба да те штити, јас не го добив кога ми беше најпотребен во Македонија“, коментира Злата.
Димитар, Климентина и Злата се само дел од високообразованите кадри кои и покрај тоа што имаат работа во Македонија, си заминуваат без желба да се вратат назад. За Анастасовска од МОФ овој тренд укажува дека се работи за структурен проблем, односно неусогласеност на понудата и побарувачката на пазарот на труд. За разлика од странските инвестиции во Чешка кои носат и добро платени работни места, во Македонија како што посочува таа работните места кои доаѓаат со странските инвеститори се за нисковалификувана работна сила. Долгото чекање за вработувањето дополнително придонесува и до тоа да се изгубат веќе стекнатите знаења и вештини, што создава дополнителен проблем. Анастасовса предлага да се направат суштински структурни промени за да се усогласат пазарот на трудот и образованието, да се промени образовната програма на сите академски нивоа, да функционираат подобро кариерните центри и истражувањата за потребната работна сила да се прават во соработка со бизнис секторот. Апелира дека се неопходни нови мерки за брзо вработување на младите.
„Државата мора да обезбеди мерки за брзо вработување на младите. Тоа не значи дека не треба да се внимава на професионализацијата, но мора да се знае дека младите мора да имаат почетни позиции каде ќе може понатаму да се градат како личности“, додава Анастасовска.
Младите пак порачуваат ако државата сака да ги задржи и врати назад да им ја врати слободата на говор и можноста за отворена критика, но и да направи итна интервенција на социјалните и економските политики, да овозможи пристојни плати за еден достоинствен живот со европска култура.
Подготви Миркица Поповиќ