Господине Хан, Македонија и Балканот повторно се во зголемен фокус на Европската унија, НАТО и на Соединетите Американски Држави. Дали дел од причините поради кои Брисел реши да го стави под закрила регионот се зголеменото руско влијание и пропустите на Брисел во проценките како се одвиваат нештата?
Искрено, го следиме нашиот сопствен интерес. Јасно е дека сите земји од Западен Балкан треба подоцна или порано, се надевам порано, да станат членки на Европската унија. Тие се веќе опкружени со држави членки на Европската унија. Логично е дека на крајот и тие треба да станат членки за да биде завршена конструкцијата на семејството на Европската унија.
Зборувате за заеднички пазар на Западен Балкан, царинска унија. Дали се тоа конкретните мерки кои ќе го забрзаат патот кон ЕУ?
Идејата која е на маса и која претпоставувам дека ќе биде изнесена на самитот во Трст, кој ќе се одржи за две недели и кој е годишен состанок на западнобалканските земји заедно со некои европски држави, е да работи на регионалната економија. Не зборувам, не зборуваме за царинска унија, туку за нешто што се први чекори во идната интеграција во единствениот европски пазар. Тоа е и конкретна подготовка за идното пристапување во Европската унија. Тоа ќе значи, барем на почетокот, слободен проток на добра и услуги, но и меѓусебно признавање на професионалните сертификати, такви работи. Исто така, тоа ќе ги вклучува првите чекори за регионален дигитален пазар, сè што помага во понатамошната промоција на регионот за тој да стане поатрактивен за директни странски инвестиции, да се поканат странските компании да дојдат во регионот, да се отворат работни места, да се понудат можности за луѓето во регионот да основаат свои компании да ги прошират таквиот тип на активности. Едноставно, тоа е нешто што ја поттурнува економијата, го прави регионот попривлечен, отвора работни места, подобри услови за живот и истовремено го подготвува на одржлив начин и се фокусира на понатамошното учество на регионот во европскиот единствен пазар.
Може ли Европската унија да помогне за решавање на спорот за разликите за името со Грција?
Навистина ги ценам првичните иницијативи на премиерот Зоран Заев, но исто така и на министерот за надворешни работи Никола Димитров, да пружат рака кон Бугарија, но исто така и кон Грција, да стапат во контакт, да слушнат што може да биде можно решение, каде сме. Без согласност од земјите-членки не можеме да одиме напред. Но, прво тоа е важно за самата земја, да го направи процесот на итните реформски приоритети кои веќе ги дискутиравме на состанокот со владата, потоа следниот ден Прибе и експертите дојдоа, а потоа и експертите од Генералниот директорат за да ја поддржат и да ѝ помогнат на земјата во сите напори па есента да може да се реферира на релевантен и важен напредок на прашањата поврзани со позитивен извештај на Европската комисија.
Дали сте задоволни од тоа што го предлага владата на премиерот Зоран Заев како европска агенда?
Да, мислам дека тоа е вистинскиот пат напред, по сите политички дискусии минатата година, по три обиди да се одржат парламентарни избори и сè што се доцнеше да се направи и последно долготрајната дискусија пред да се формира новата влада. Сега навистина е крајно време и дознав дека и опозицијата е посветена на тоа, да биде фокусирана на политичките прашања, на реформите кои е јасно дека се во интерес на земјата. Но, дозволете ми да кажам нешто многу важно. Ние зборуваме многу за реформите, за да се подготви земјата за европската перспектива. Сè што е направено во таа насока е првенствено за да им служи во интерес на граѓаните на оваа земја, а не да ги задоволи европските претставници.
Какви се вашите процени, колку време ќе треба за граѓаните да ги почувствуваат реформите?
Па во тој поглед, мислам дека сите ќе треба да ги подобриме, ако сакате нашите перформанси за да имаме зголемена видливост за граѓаните. На пример, една идеја може да биде да има едношалтерски систем каде граѓаните ќе може да ги добијат и да се пријават за сите јавни услуги, да земат документи, возачки дозволи итн., во навистина брза процедура преку спроведување на информатичките технологии. Тоа не е нешто што е целосно ново, го имаме во некои земји, попатно тоа е поинаков пат за поголема транспарентност и тоа е конкретен пример за тоа како граѓаните можат да ги видат придобивките од силниот ангажман на Европската унија, но исто така тоа е и насоката кон која треба да оди државата.
Господине Хан, што е клучно и првично да направи владата за да се забележи напредок кон Унијата?
Треба да бидат посветени, да работат заедно. Ќе биде, како да кажам, грешка, да веруваат дека може да работат посебно, секој министер да се грижи за посебни прашања. Знаете, се работи за хоризонтални задачи, затоа јас бев благодарен што присуствував за првпат на состанок на Владата, што ги слушнав првите извештаи од некои министри за тоа до каде се во сите напори. И ова е нешто што треба да продолжи и во таа смисла јас сум многу уверен дека владата е подготвена да испорача. Мислам дека треба, како да кажам, да се има доверба во нив однапред, исто така од граѓаните и од граѓанското општество и тогаш владата треба да биде оценувана за сработените дела.
Реални ли се очекувањата за датум за почеток на преговорите во 2018 година?
Во случај да се оствари реално сè она што го кажавме претходно, прво и пред сè ќе има позитивен извештај од наша страна и паралелно ќе треба да дискутираме со нашите земји-членки, бидејќи за отворање на преговорите, за почнување на преговорите, треба да имаме едногласна одлука од нашите земји-членки, но тоа исто така е задача на новата влада и како што реков и претходно, тие веќе почнаа да се обраќаат кон државите кои се пред сè засегнати со цел да се разговара за темата и да се работи на решение кое ќе дозволи да се започне со преговори. И да повторам уште еднаш, сè што можеме да направиме како Европска комисија, Комесарот ќе го направи.
Ги поддржува ли ЕУ најавените реформи во правосудството, пред сè најавениот реизбор на судии?
Ние сме на почеток на овој процес, јас не сакам однапред да отворам дискусии. Му верувам многу на господинот Прибе и неговиот тим да го разгледаат тоа и да најдат соодветно решение кое ќе одговора на потребите на земјата. Тоа што апсолутно е потребно да се врати довербата во независното судство, квалитетот на судството. Јас мислам дека тоа е и целта на луѓето што работат во него, обвинители, судии, државни службеници и јас мислам дека тоа е исто така нешто што граѓаните на земјата го заслужуваат, да може да се потпрат на функционално, транспарентно и некорумпирано судство.
Колку е важно за борбата против криминалот и корупцијата предметите што ги води Специјалното јавно обвинителство да добијат правна разврска?
Неопходна мерка беше да се одговори на одредени недостатоци. Има закон и ние секогаш велиме дека институциите треба да имаат време кое им е потребно да ги спроведат сите работи. Сега на владата е да дискутира како ова може да биде пролонгирано, да биде пренесено или која и да е идната конструкција. Уште еднаш, важно е луѓето да имаат впечаток, ако сакате да бидат уверени дека сите криминални случаи целосно се истражени и ако има потреба за обвиненија тие да бидат завршени, да бидат заведени и да има судски случаи и ако неопходно е да има казни, пресуди итн. Се работи за целиот судски систем кој треба да функционира.