Не сме подготвени за образование по Кембриџ

Училиште во село Косово во Општина Македонски Брод во 2015 година

Главни критики се дека програмата „Кембриџ“ беше воведена без потребните подготовки во образовниот систем. Според наставниците, за тоа зборува и неопременоста на училиштата со помагала, што треба да им го олеснат на децата совладувањето на содржините.

Изучувањето на предметите математика и природни науки, според адаптираните наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, што почна да се спроведува пред четири години во основните училишта, остана меѓу најкритикуваните реформи, како за учениците, така и за наставниците.

Дилемата е дали за подобрување на квалитетот на образовниот систем е нужно укинување или адаптирање на оваа програма, која од следната учебна година требаше да се спроведе и во средните училишта.

Главните критики беа дека власта на ВМРО-ДПМНЕ ја внесе програмата „Кембриџ“ аматерски и без потребните подготовки во образовниот систем. Според наставниците, за тоа зборува и неопременоста на училиштата со помагала, што треба да им го олеснат на децата совладувањето на содржините.

Дел од наставниците го посочуваат фактот дека во изучувањето на предметите математика, научно истражување, биологија, хемија и физика, според адаптираните наставни програми од Кембриџ, постојат многу недоследности, почнувајќи од тоа како е структурирана програмата и наставните содржини, па сè до несоодветните преводи што создаваа конфузија.

Вилма Влаховиќ, одделенски наставник во ОУ Блаже Коневски во Скопје, вели дека програмата Кембриџ не е добра ниту за наставниците ниту за учениците. Според неа, учебниците во најскоро време треба да бидат променети и да се врати старата програма по која учеле и претходните генерации.

„Во второ одделение учениците на 7-годишна возраст учат за миграција, за хибернација, за електрично коло. Сепак, ние одделенските наставници ниту сме биолози, ниту хемичари, а уште помалку физичари. За јас тоа да го пренесам во пракса треба многу добро да го знам. А со обука од два дена сигурно не може да се научи. Ниту пак имаме практично нагледни средства со кои ние можеме да им го покажеме на учениците. Бројот на учениците е преголем во паралелките за да може да имаме истражувачка работа. За истражувачка работа треба големи училници и многу помал број на ученици“, вели таа.

Главните карактеристики на адаптираните наставни програми по предметите математика и природни науки се дека учениците учат одредена тема, а подоцна во наставата се навраќаат на истата тема и повторно ја изучуваат на повисоко ниво, а програмите вклучува и истражувања.

Но наставниците коментираат дека кај нас е позната тенденцијата од странство да се фалат реформите, но оти нивната примена кај нас е погрешна и скапа. Како спорен се посочува и фактот дека бргу се прескокнува од една на друга содржина поради што лесно го забораваат претходно наученото.

Во прилог на предностите на оваа програма претходната влада излезе со извештај по спроведениот мониторинг на примената, според кој зголемен е интересот на учениците за наставните содржини.

Симона Туфегџиќ од Средношколскиот пленум вели дека досегашните искуства покажаа дека простото пресликување туѓи системи на домашниот образовен терен може да даде проблематичен ефект, а наставниот материјал што се нуди мора да биде во согласност со фазата на образовен развој на ученикот.

„Секоја земја си има различен менталитет и систем на работа. Таа програма треба да се укине целосно и додека не се изработат нови учебници да се вратат старите учебници. Голем проблем се и грешките во учебниците и лошите преводи кои ги збунуваа учениците“, вели таа.

Пристапот во наставата според Кембриџ подразбира работа во мали групи од 15 до 20 ученици, менторска и индивидуална настава како и препознавање таленти. Учениците кои ја следат оваа програма потребно е времето да го поминуваат во посебно опремени училници кои потсетуваат на интернет простории кои треба да бидат пример за примена на најновите технологии во образованието, а на располагање на наставниците и учениците треба да им бидат и модерни кабинети.

Кај нас примената на оваа програма се сведе на тоа што наставниците во недостиг на простор и нагледни средства сами импровизираа и смислуваа индивидуални методи за да ја доловат програмата на децата и да ги добијат потребните резултати.

„Во времето кога јас бев ученик и студент, ученици кога ќе излезеа надвор на натпреварувања бевме најдобри. Зошто да прифаќаме нешто со што ниту ќе бидеме најдобри, ниту ќе научиме нешто“, вели Влаховиќ.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска изјави дека програмата „Кембриџ“ предизвикува збунетост кај учениците и негативни реакции кај наставниците.

„Ја анализираме правната рамка со цел да го суспендираме спроведувањето на програмата „Кембриџ“ во средните училишта“, рече Дескоска.

Учениците од прво, второ и трето одделение почнаа да учат математика и природни науки според адаптираните наставни програми од Кембриџ од 2014 година, а подоцна учебници од истата програма добија и учениците од 4 до 6 одделение.