По две недели откако во Брисел на премиерот Зоран Заев му ги пренесе пораките од Европската унија, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Скопје на владина седница го разгледува нацрт-планот со мерките, активностите и со временските рамки за реформските приоритети.
Хан, кој беше директен учесник во процесот на договорање на двата документа од Пржино со кои се излезе од кризата, веќе порача дека првите чекори кои треба да ги преземе новата Влада се итните реформски приоритети кои се клучни за земјата да добие позитивна препорака од ЕУ.
Според еврокомесарот, покрај реформите, потребно е да се најде и решение за името со Грција, а на прашањето дали Македонија може да влезе во ЕУ под привремената референца, по средбата со Заев во Брисел, рече дека дека во услови на отворање на преговори или поглавја со некоја земја, одлуката мора да биде донесена едногласно од сите земји членки и затоа мора да се најде решение за спорот со името.
Новата влада, пак, веќе оствари контакти со двата соседа кои имаа забелешки за напредокот на Македонија - Бугарија и Грција.
Премиерот Заев во минатата недела беше во Бугарија, а по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека има уште мал дел да се презицира од договорот за добрососедство и изрази надеж дека тој би можел да се потпише на Илинден кога бугарска делегација ќе дојде во Македонија.
Првите контакти со Атина, пак, ги направи министерот за надворешни работи Никола Димитров кој во Грција се сретна со преставници на тамошната владејачка гарнитура.
Во однос на домашните реформи, владата ќе има помош и од тимот искусни независни експерти предводени од Рајнхард Прибе. Хан во почетокот на месецов најави дека како дел од подготвеноста на Европската унија да работи заедно и да ја поддржи новата влада во нејзините реформски напори, експертите ќе направат анализа на сегашната ситуација, дополнување на претходните заклучоци и ќе дадат препораки за како да се одговори на загрижувањата поврзани со владеењето на правото кое назадуваше минатите години.
Прибе во петокот во Охрид одржа предавања пред учесниците на охридската школа за природно право, но не сакаше да зборува за политички теми. Извештајот, кој заедно со групата експерти го подготви пред две години, а потоа стана дел и од Итните реформски приоритети, идентификуваа значајни недостатоци во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми. Во овие области се очекува сега да бидат сконцентрирани и првичните реформи на новата влада.
Минатата недела вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, по владината седница на која се зборуваше за европската агенда, најави дека владата подготвува нацрт агенда со мерките и активностите кои треба да се преземат во контекст на евроинтеграциите, а кои ќе му бидат презентирани на еврокомесарот Хан.