Режисерот Иван Поповски со свој театарски фестивал се враќа дома

Иван Поповски, режисер

„Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, „Алиса зад огледалото“ од Луис Керол и „Отровната туника“ од Николај Гумиљов се трите претстави од македонскиот режисер со интернационална кариера Иван Поповски, работени на сцената на еден од најреномираните московски театри „Мастерскаја Пјорт Фоменко“, што од 16 до 23 септември, ќе бидат прикажани на сцената на МНТ во рамките на првото издание на фестивалот „Иван се враќа дома“.

По „Авантура“ со театарот „Мастерскаја Пјотр Фоменко“, „П.С. Мечтаења“ и „Четири годишни времиња“ со „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова“ обата од Москва и „Роберто Зуко“ на Хрватско народно казалиште од Сплит, та и поставките на домашните сцени „mACEDONIE – Одисеја 2001“, „Дневникот на лудиот“ и „Мајсторот и Маргарита“ во годиниве наназад, режисерот Иван Поповски еве го повторно во татковината. Овој пат со идеја за фестивал којшто не случајно е именуван како „Иван се враќа дома“. И, на него, од 16 до 23 септември, на сцената на МНТ, како единствена која може да ја пружи потребната техничко-технолошка поддршка, ќе бидат прикажани спектаклите „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, „Алиса зад огледалото“ од Луис Керол и „Отровната туника“ од Николај Гумиљов, за кои вообичаено се бара карта повеќе во реномираниот московски театар „Мастерскаја Пјорт Фоменко“.

Станува збор за претстави од голем формат, со високобуџетни продукции, за проекти направени со елитни театарски екипи, кои не само што со воодушевување се дочекани од тамошната критика, туку досега имаат освоено бројни значајни награди и признанија и имале исклучителен прием кај публиката. Така на пример, „Сон на летната ноќ“ минатата година ја доби наградата „Златна маска“ за најдобра претстава во Русија во 2015-та, а „Алиса зад огледалото“ е добитничка на наградата „Златен витез“ за „најдобра претстава за деца“.

Со претставите во Скопје ќе пристигне многубројна актерска и техничка екипа, а куриозитет претставува и тоа што сценографијата, костимите и техничката опрема пристигнуваат со четири огромни камиони од Русија.

Инаку, ова е прв пат театарот „Мастерскаја Пјотр Фоменко“, кој патем често гостува на разни манифестации, да излезе од матичната средина со ваков проект, иако нешто слично било сторено на фестивал во Авињон, Франција, каде во рамките на „претставувањето на репертоарниот театар“ биле прикажани четири различни претстави на исто толку режисери (меѓу кои разбирливо бил и Поповски) со иста група на актери.

„Јас цело време веќе 28 години се враќам дома. Понекогаш се враќам на подолго, понекогаш на пократко, понекогаш на гостување, понекогаш со некои работи што ги правам тука и се надевам дека тоа враќање ќе продолжи. Но, морам да кажам дека ова враќање за мене е специфично и посебно. И затоа имам трема. Јас најголемата трема ја имам кога сум дома. Сепак се враќаш дома. Сепак си тука меѓу свои луѓе кои доаѓаат да ги видат претставите. Тие луѓе ми значат и приватно и генетски. Ете затоа ова за мене е едно значајно враќање дома“, вели Поповски.

Роден на 2 мај 1969 во Скопје, Иван Поповски дипломирал во класата на познатиот руски режисер Пјотр Фоменко на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во Москва.

Тој е еден од основачите на театарот „Мастерскаја Пјотр Фоменко”, а има режирано и повеќе проекти во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова” во Москва. Неговите театарски претстави, како и опери, се играни низ целиот свет, меѓу другото и во САД, Франција, Бразил, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Египет, Турција, а негови проекти освен во Русија се поставувани на сцените во САД, Франција, Хрватска, Словенија и Македонија, вклучувајќи ги и тука и некои од најреномираните европски театри како „Бољшој“ во Москва и „Одеон” во Париз.

Покрај престижната награда за најдобра претстава на годината од московската критика за неговата прва, студентска претстава „Авантура“, која влезе и во електронската енциклопедија „Најважните театарски настани во Русија во последните 50 години“, Поповски е добитник и на мноштво други значајни театарски награди како Гран при на фестивалот БИТЕФ, Наградата за литература и уметност на Градот Москва, која ја доби заедно со артистите од „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова“, Кристалниот Турандот и националната награда Музичкото срце на театарот за претставата „Четири годишни времиња“ ...

Во 2009 година Поповски го доби и Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко“, пак, е формиран во 1993 година и денес е еден од омилените кај московската публика. Претставите во продукција на овој колектив во многу наврати освојуваа престижни театарски награди во Русија, меѓу кои, покрај „Златна маска“, и наградите: „Станиславски“, „Кристалниот Турандот“, „Чаика“, „Хит на сезоната“, „Златен витез“ и други, како и низа значајни признанија на многубројни меѓународни манифестации.