Потребно е време за децентрализација на моќта во ВМРО-ДПМНЕ

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Се појави иницијатива за темелни реформи во ВМРО-ДПМНЕ, но за такво нешто ќе треба време. Аналитичарите велат дека децентрализација на моќта е потребна кај сите политички партии.

Домашните аналитичари се сомневаат дека е возможно до локалните избори да се демократизира ВМРО-ДПМНЕ како што бараат иницијаторите за реформа на оваа партија. Еден од таканаречените реформатори Влатко Атанасоски, во неделното интервју за нашето радио, вели дека потребата за демократизација во матичната партија се појавила уште во 2009 година, но дека во сите овие години било невозможно да се прифати различното мислење.

„За жал во последните години јасно стана дека внатре во партијата има луѓе кои на картата на некаков лажен патриотизам и теориите за заговор на меѓународната заедница почнаа да создаваат внатрепартиска атмосфера на закочен проток на информации и се создаде услов на тешко пробивање на различните идеи од оние на актуелното раководство. Сиве овие години навистина беше тешко низ органите на партијата да се протурка различна идеја од таа на актуелното раководство, а да не биде сфатена како предавство или фракционизам во партијата“, вели Атанасоски во интервјуто.

Политичките аналитичари сметаат дека децентрализација на моќта е потребна кај сите политички партии. Во однос на иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, политичкиот аналитичар Сашо Клековски смета дека се работи за темелни реформи за кои ќе биде потребно многу повеќе време.

„Реформите се доста темелни, бидејќи говорат за принципот на одлучување, вклучувајќи непосредни тајни избори за избор на раководствата на различни нивоа. Мислам дека толку темелни промени мора да бидат предмет на широка дебата во партијата и не верувам дека може да бидат спроведени на кратки рокови, особено затоа што сме пред летниот период кој е малку попасивен. Сепак ваквите реформи не се невозможни, туку дури и потребни“, вели Клековски.

Професор Митко Гаџовски во иницијативата за реформи на ВМРО-ДПМНЕ гледа можност за внатрепартсико реформирање, но и тој не е оптимист дека тоа може да се случи пред локалните избори.

„Мислам дека рутината што ја имаше ВМРО ДПМНЕ во изминатиот период ќе продолжи додека ова раководство е на власт во партијата. Исто така е добро за партијата преку внатрепартиска борба таа да се реформира и да дојдат нови луѓе на чело на партијата за Македонија да донесе уште еден политички субјект кој би бил сериозен за натамошниот развој на државата“, изјави Гаџовски.

На прашањето дали иницијативата може да заврши со отцепување на групата од матичната партија и создавање на друга, Клековски вели:

„Не верувам, иницијаторите на групата во сите изјави говорат дека нивната цел е реформа на ВМРО-ДПМНЕ, а не создавање на нова партија. Надвор од тоа веќе постојат неколку политички партии со предзнакот ВМРО. Ако веќе има незадоволство во постоечкото членство, верувам дека би преминале во некои од другите ВМРО-партии“, изјави Клековски.

Во прилог на оваа теза е и изборниот модел на Македонија кој ги фаворизира само големите политички партии, а сите помали или исчезнуваат или се принудени да коалицираат со поголемите. И според Гаџовски не би било добро од овие иницијативи да се изроди нова партија, зашто, како што вели, таквите обиди во минатото не завршувале успешно.

„Мислам дека е многу подобро оваа борба да се сведе внатре во партијата и тоа би било покорисно и за самата партија, но и за државата“, заклучува Гаџовски.