Нетранспарентно потрошени 35 милиони евра од државната каса

Архивска фотографија, Анти-владини протести во Скопје. Споемник пералница за пари.

Државните институции минатата година нетранспарентно потрошиле речиси 35 милиони евра од буџетот за јавни набавки. Според податоците од мониторингот на Центарот за граѓански комуникации, најчестото оправдување за користењето на оваа алатка е итната потреба од набавката или заштита на ексклузивни права.

Речиси 35 милиони евра од државната каса минатата година биле потрошени во нетранспарентна процедура, односно институциите склучиле 605 договори за јавна набавка без објавување на оглас, покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации. Во нивниот извештај е наведено дека во однос на 2015 година, иако бројот на вакви договори е помал, вредноста на поединечните договори е за 20 проценти поголема.

„Најголемиот договор за јавна набавка преку оваа нетранспарентна постапка го има склучено АД Електрани на Македонија за ископ на јаглен и јаловина за ПЕ Рудници, РЕК Битола, во вредност од околу 5,8 милиони евра. Потоа во листата на договори склучени преку оваа нетранспарентна постапка се наоѓаат и 19 договори на Министерството за образование и наука за откуп на учебници за основно и средно образование и дополнителен дидактички и работен материјал за адаптираните учебници од странство за учебната 2016/2017, во вкупна вредност од околу 10 милиони евра“, е наведено во извештајот за мониторинг на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации.

Поранешните антикорупционери велат дека ваквите набавки не само што се нетранспарентни, туку и отвораат сомнеж за корупција, што значи има доволно за да ревизорите ја проверат работата.

„Не може толкав износ на пари да бидат потрошени со непосредна спогодба, кога се знае дека до 300 илјади денари може со непосредна спогодба. И тоа може да се случи само еднаш во фискалната година“, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.

Според податоците на Центарот, институциите оваа законска можност за нетранспарентна постапка ја оправдуваат со најчесто три причини. Првата е дека станува збор за набавка за која од технички или уметнички причини, односно од причини врзани за заштита на ексклузивните права, патенти и слично, договорот може да го изврши само одреден економски оператор, а втората е поради крајна итност, односно кога од одредени причини договорот за јавна набавка мора да се склучи брзо. Третата причина се анекс договорите, на кои отпаѓа 5,1% од вкупната вредност на овие договори.

„Итноста на постапките може да се оправдува само во случај кога има елементарни непогоди како поплави или пожари или слични работи, другите оправдување во однос на јавните набавки без објавување на оглас не држат вода. Треба да се предвидат во фискалниот буџет со датуми и износи на реализација“, вели Муса.

Забележлив е пораст на компании кои лани биле ставени на црната листа на фирми со забрана за учество на тендери. Најчестите причини поради кои тие се ставени на црната листа се нецелосни документи, односно недоставени податоци за личната состојба на понудувачот на тендерот, потоа понудувачот се откажал од договорот за јавна набавка со тоа што не сакал да се потпише на договорот или пак била наплатена гаранцијата за квалитетно извршување на договорот. Ваквата македонска пракса не е во согласност со европската регулатива.

Од друга страна, пак, фирмите лани најчесто се жалеле до државната комисија дека во постапката за јавна набавка не е избрана најповолната понуда бидејќи, според нив, комисијата го доделила тендерот на понудувач којшто не ги исполнил условите или критериумите предвидени во јавната набавка или комисијата ја исклучила од евалуација фирмата што се жали поради тоа што смета таа дека не ги исполнува предвидените услови и критериуми.

Од Центарот за граѓански комуникации препорачуваат да се воведе и обврска за Бирото за јавни набавки да изготвува и јавно да објавува, најмалку на годишно ниво, анализа на склучените договори по пат на преговарање без објавување оглас со наведување на економските оператори со кои се склучени таквите договори.