Димитров не ги отвора картите за името

Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров, во пресрет на средбата со грчкиот државен врв, во интервју за Тв Скај порача дека не е во Атина за да ја притисне грчката влада, туку да побара поддршка, бидејќи Македонија би сакала Грција да биде нејзин најголем сојузник за НАТО и ЕУ.

Македонија би сакала Грција да биде нејзиниот најголем сојузник, а двете држави треба да работат на тоа да се изгради подобра сегашност и иднина, смета македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Тој оваа порака кон грчката јавност и влада ја испрати во интервју за грчката телевизија Скај синоќа во пресрет на денешната средба со грчкиот државен врв во Атина.

Димитров денеска во грчкото Министерство за надворешни работи ќе има средба и работен ручек со неговиот колега Никос Коѕиас, средба на запознавање, на која според најавите од Коѕиас главно ќе се разговара за начинот на кој би продолжиле разговорите за развивање на билатералните односи и за нови мерки за градење доверба. Попладнето Димитров ќе биде примен и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а предвидена е и средба со Јоргос Кумуцакос, кој е одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија.

„Не сум тука за да извршам притисок, тука сум за да побарам помош, поддршка и разбирање. Би сакал Грција да биде најголемиот наш сојузник, бидејќи ние сме соседи, ќе бидеме тука, ќе делиме граница, се надеваме еден ден, ако имаме заедничка европска иднина, да нема веќе граници. Затоа би сакал Грција да стане наш сојузник и би сакал да ги уверам народот, премиерот, владата дека навистина можеме да бидеме пријатели“, истакна Димитров за Скај.

Апелира двете држави да ја остават историјата на историчарите и да работат кон подобрување на сегашноста и иднината, коментирајќи дека не е мудра политика да се градат билатерални односи врз стари историски теми. Истакна дека ако двете страни направат добри заеднички чекори, иднината може да им се насмевне на двете држави. Димитров посочи дека новата влада не се согласува со изградените споменици од претходната власт и забележа дека не бил сакал младите генерации во Македонија да растат со идејата дека Грција е непријател.

Во интервјуто тој изјави дека нема да ги отвори картите за тоа со какви ставови и размислувања за решавање на спорот за името ќе настапат пред грчката влада, но го повтори предлогот Македонија да се зачлени во НАТО и да почне преговори со ЕУ под привремената референца, бидејќи е неопходно државата побрзо да се интегрира во овие институции за и Грција да добие сосед кој ќе биде дел од нив. Посочи дека поставување рокови до кога би се решило името е тешка работа, но дека постојат конкретни идеи и предлози кои ќе бидат презентирани пред грчката страна за поодбрување на билатералните односи.

Клучно за Димитров сега е да се воспостави доверба и поголема соработка меѓу двете држави.

„Треба да воспоставиме добар, достоинствен и пријателски однос и да инвестираме во него. Секако, практичните инвестиции се корисни и не говорам за решавање на големото прашање. И тоа треба да го направиме, но за да се воспостават добри врски, не само лични, туку и меѓу двете држави. Мислам дека вреди да размислиме и да инвестираме во тој однос“, изјави Димитров.

Ова е прва официјална посета на Димитров на Атина откако е поставен на позицијата министер за надворешни работи.

Подготви Миркица Поповиќ