Порака дека за Грција ќе биде добро доколку Македонија како нејзин сосед што побрзо стане дел од НАТО испрати македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Тој, во интервју за грчкиот весник „То Вима“, посочи дека спорот за името трае предолго и неговото нерешавање влијае и на регионалната стабилност. Димитров изрази готовност за конструктивни преговори со Грција и порача дека е потребно двете страни да им пристапат на преговорите со добра волја и со почит кон чувствителните точки на секоја од засегнатите држави.
„За Грција прашањето е: каков сосед сакате да имете? За Македонија прашањето е: каков сосед сакаме да бидеме? Колку побрзо нашата држава добие покана да биде дел од НАТО, толку подобри се перспективите на Грција да ја има ова држава како сосед. Оптимист сум дека можеби наскоро ќе добиеме и датум за почнување пристапни преговори со ЕУ по толку позитивни препораки од Европската комисија“, вели Димитров во интервјуто.
Новиот министер забележува дека долгото чекање за прием во НАТО и ЕУ се дел од причините што Македонија западна во политичка и криза на демократија.
„Спорот за името трае многу години. Иако во суштина е билатерален, последиците од нерешавањето на спорот може да ја стават во опасност регионалната стабилност. Република Македонија долго време беше во неизвесност, чекајќи во чекалницата пред вратите на НАТО и ЕУ, кои беа заклучени поради наметнатото политичкото исклучување, спротивно на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг. Тоа го отвори патот за криза на демократијата во државата“, вели Димитров.
„То Вима“ во анализата на разговорот со Димитров забележува дека Брисел е задоволен од новата македонска влада и постои голема желба Македонија да продолжи стабилно на нејзиниот европски пат.
Сепак, како што се потенцира во текстот, никој не сака да се брза и во европските кругови е јасно дека на владата на Зоран Заев ќе и треба време да се стабилизира на владејачката позиција. Во однос на Грција, пак, извори за весникот коментираат дека е неопходно да се возобнови довербата меѓу Атина и Скопје.
Во пресрет на утрешната посетата на Димитров во Атина, весникот „Катимерини“ оценува дека неговите изјави за весникот „Фајненшал Тајмс“ создаваат позитивна атмосфера и очекувања дека може да се најде заеднички јазик со грчката страна во преговорите за името. Според весникот, во Атина постои задоволство од реториката на Димитров и Зоран Заев во споредба со онаа на претходниот премиер Никола Груевски, но и покрај тоа остануваат очекувањата за отстапки во преговорите.
„Сепак, во Атина посочуваат дека за да има напредок во спорот за името, владата во Скопје треба да навлезе во суштината на преговорите. До тогаш нема да има поместување на Атина од позицијата која ја имаше во 2008 во Букурешт“, пишува „Катимерини“.
Ставот дека Грција не треба да ги менува своите црвени линии во однос на името и условите за прием на Македонија во меѓународните организации го поддржуваат и опозициските партии Нова Демократија, ПАСОК и Река. Јоргос Кумуцакос, надлежен за надворешна политика во Нова Демократија истакна дека спорот за името треба да се реши на заеднички прифатлив начин и со решение со кое ќе се согласи Грција.
„Додека да се постигне такво решение, не станува збор за било каква промена на политиката од Букурешт, која доведе до тогашната едногласна одлука на НАТО. Оваа политика ја имаше и ја има поддршката од мнозинството грци и политичките сили во државата“, изјави Кумуцакос за грчките медиуми.
Координаторот на пратеничката група на ПАСОК, Андреас Ловердос, посочи дека ако Македонија сака да влезе во НАТО и ЕУ, предуслов е да се најде решение за името, а од партијата Река во соопштение велат дека Грција има покажано добра волја и понудено конкретни предлози и очекуваат од Македонија да разбере дека ќе има долгорочни придобивки од решавањето на името.
„Јасно и заеднички прифатливо решение ќе отвори многу големи перспективи за иднината. Да не се дозволи оваа можност да се изгуби“, велат од Река и додаваат дека се надеваат ултра-десничарскиот партнер во владата на Алексис Ципрас да не биде пречка за да се реши спорот за името.
Подготви: Миркица Поповиќ