Укинувањето на екстерното тестирање и најавите за суспендирање на Кембриџ програмата во средното образование се првите реформи на новата влада во образовниот систем. Според упатените во оваа област, ова е добар старт на промените кои треба да ги отстранат слабостите во образованието.
Поранешниот министер за образование Ненад Новковски вели дека неопходно е да се направат и промени во високото образование, односно да се постигне целосна компатибилност со Болоњскиот процес.
„Подолгорочно она што претстои понатаму е соодветно да се насочат инвестициите во образованието, да се отстранат непродуктивните, како што беа купувањето на програми од странство, потоа непотребно преведување на определени учебници без соодветна подготовка, дел од книги што се стручно преведени е во ред, а друго што е правено само колку да се потрошат парите треба да прекине и парите да се пренасочат во развитокот на сите степени на образованието, материјалната инфраструктура, опрема за практична настава, потоа во високото образование во истражување и реализација на научно-истражувачки проекти, без кои не може да се замисли високото образование“, вели Новковски.
На образованието му се потребни сериозни и итни реформи, вели професорката Горица Илиоскa од средното училиште Никола Карев.
„Јас се надевам дека тоа брзо ќе се случи со Кембриџ програмата. Таа програма не врати години назад, со нови програми за кои не бевме спремни, не ги знаевме, одлуките беа конфузни, голем хаос внесе и тоа треба да се прекине или да се отпочне со една сериозно направена програма“, вели Илиоска.
Во спроведување на реформите треба да се вклучат наставниците, сугерира Илиоска, и според неа, посебно внимание треба да се посвети на квалитетот на учебниците.
„Квалитетот треба да се надгради со еден голем тим вклучен во нови учебници, подобрување на старите, исклучување на многу работи кои не треба да бидат во учебник за средношколци или во учебник за основно одделение. За да се случи тоа треба да се формираат тимови кои макотрпно ќе работат на тоа и ќе има резултати“, убедена е Илиоска.
Првите ефекти од реформите треба да се почувствуваат преку релаксирање на атмосферата и ослободување од сите притисоци кои наставниците ги претвораа во администратори, вели професор Новковски.
„Првиот чекор ќе биде тоа да се ослободат наставниците од притисоците, од тоа да се грижат дали ќе и угодат на власта или не, наместо да се занимаваат со својата работа, значи првиот чекор ќе биде тоа, а секако клучните подобрувања ќе се постигнат кога ќе бидат обезбедени соодветно насочени средства за подобрување на квалитетот“, изјави Новковски.
Експертите сугерираат политиката да ги тргне рацете од училиштата и нив да ги водат способни и квалитетни кадри. И од Младинскиот образовен форум очекуваат темелно да се преиспита образованието.
„Веќе постои некаква нацрт-стратегија за образование, таа треба да се ревидира и да се усвои и да не се прават мерки избрзано, туку да се прават плански и со намера да имаат некаков ефект за две, три или пет години од сега. Ако нешто научивме од пропустите во образованието е дека сите тие средства вложени во образованието пропаднаа само зашто беа неплански инвестирани“, изјави Дона Костуранова, извршна директорка на МОФ, во неодамнешното интервју за нашето радио.