Целта на давачките од еколошките такси е нивно реинвестирање и затоа тие не треба да бидат во рамките на генералниот Буџет, туку треба да постои посебен Фонд за животна средина, вели Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42“ која направи истражување за спроведувањето на начелото „загадувачот плаќа“ од Законот за заштита на животната средина, насловено „Дали и колку плаќаат загадувачите во Македонија.“
Еден од главните заклучоци во истражувањето е дека е невозможно да се дојде до точни податоци за тоа во која година колку средства се собрани врз основа на начелото „Загадувачот плаќа“, според Законот, бидејќи како што се вели: „Системот за наплата е вистински лавиринт во кој не можат да се снајдат ни тие кои се дел од истиот“.
Бујароска вели дека поентата е парите да се реинвестират за подобрување на квалитетот на животната средина.
„За жал, кај нас како што е уредено, согласно буџетските и финасиски импликации, тие пари одат внатре во Буџетот, а потоа распределбата се однесува само на Министерствто за животна средина. Уште полош тренд е тоа што Буџетот на самото Министертсво од година во година дополнително се намалува, што значи дека располагаат со уште помалку финасиски средства“, вели Бујароска.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека се согласуваат со идејата дека треба да биде создаден посебен Фонд за животна средина, кој ќе има намеска улога средствата прибрани од повеќе ставки за Министерството да реинвестираат во заштита на животната средина и оти со моменталниот буџет немаат можност за такво нешто, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека таков фонд постоел, но бил укинат пред околу десетина години, а сега во институцијата се влеваат само средства од една ставка – регистрација на возила од околу сто милиони денари годишно, пари кои потоа се користат за проекти за општини, научни институции и невладини организации.
„Тоа е многу мала сума на пари со која може нешто реално да се направи“, велат од Министерството.
Граѓаните индивидуално плаќаат даноци за заштита на животната срдина, за нејзино користење или уништување, при купување гориво за автомобилите или при нивна регистрација, а големите индустриски капацитети на национално ниво плаќаат врз основа на дозволите кои ги поседуваат, се додека не ги исполнат стандардите за заштита на животната средина, вели Бујароска.
„Значи единствен данок којшто се издвојува посебно и со којшто понатаму Министерствто оперира се однесува само на онаа мала такса која што се плаќа при регистрација на возила. Сите други давачки, по основ на интегрирани еколошки дозволи или користење на природа, сеча и друго се собираат внатре во Буџетот на Република Македонија. Тоа е проблематично да се проследи теркот колку и како пари се собираат, кога вие не ја знаете конкретно буџетската линија, затоа што сите се претопуваат во еден буџет“, вели таа.
Практиките во европските земји покажуваат дека парите мора да се издвојуваат прецизно да се знае дали и колку загадувачите плаќаат, вели Бујароска, потенцирајќи оти Фонд за животна средина каде ќе се влеваат средства од „загадувчите“, ќе овозможи посебен увид и нивно реинвестирање онаму каде што е потребно.
Ваквата ситуација не доведува во судир со еден од клучните принципи на Европската унија (ЕУ) на оваа тема дека нема економија без екологија, се вели во истражувањето на „Фронт21/42“, односно оти тоа е принцип кој е директно преведен во начелото „Загадувачот плаќа.“
Тоа значи колку повеќе загадуваш, толку повеќе плаќаш, односно плаќаме сите, затоа монгу повеќе се исплати инвестирањето во превенција, во чисто прозиводство, отколку да не се води грижа за животната средина, се вели во истражувањето.
Додека институциите на системот немаат податоци за вкупната сума на даноците кои граѓаните и компаниите ги плаќаат за животната средина, во јавноста се познати бројките за штетите кои ги трпи македонската економија и за загубите на чевоечки животи.
Македонската економија претрпува загуби од над 253 милиони долари годишно, главно поради трошоците во здравството и во компаниите, според студијата „Зелен раст“ на Светската банка, каде исто така стојат и предупредувања дека во Македонија над 1.300 граѓани годишно умираат од загаден воздх.