И пет години подоцна, „Монструм“ ја бранува јавноста

Архивска фотографија - Протести против полициската акција Монструм за апсење на осомничените за убиствата во близина на Смилковското Езеро.

Врховниот суд ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“ за 9 јуни.Пред три години шест луѓе беа осудени на доживотна казна затвор за убиствата кај Смилковското езеро.

Врховниот суд ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“ за 9 јуни оваа година, поради отсуство на двајца адвокати на оштетените за петкратното убиство кај Смилковското езеро.

Инаку, пред јавната седница да биде одложена јавниот обвинител Лилјана Спасовска побара од судот и судијката известител да ја одложат седницата на подолго време и да ги прибават доказите и новите факти од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за кои во јавноста долго време се зборувало, со цел целосно да се анализира предметот и да се утврди дали новите околности ќе влијаат на конечната пресуда.

Претседавачот со кривичниот совет и претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски одговори дека Јавното обвинителство доколку има потреба од прибавување на било какви други податоци, тоа имало можност да прибавува такви сознанија, бидејќи предметот бил доставен до Обвинителството во април минатата година и оти имало доволно време за проучување на списите и за прибавување на други докази и факти.

Инаку, денешната јавна седница на Врховниот суд следува 15 месеци откако одбраната ја обжали пресудата на Кривичниот и Апелациониот суд за затворските казни на осудените за петкратното убиство кај Смилковци. На 30 јуни 2014 година Алил Демири, браќата Агим и Африм Исламиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута беа прогласени за виновни и осудени на доживотна казна затвор за убиствата кај Смилковското езеро.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се во Косово и не се екстрадирани. Обвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвиненијата поради немање на цврсти докази за утврдување на вина.

Ваквата пресудата беше дочекана со масовни и насилни демонстрации, проследени со каменувања на судовите. Голема група демонстранти тогаш се судри со полицијата и предизвика улични немири. Во протестите беа повредени повеќемина полицајци, а повеќе демонстранти завршија и на суд и со пресуди и затворски казни. По една година, Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд.

Во меѓувреме предистражна постапка за „Монструм“ води и Специјалното јавно обвинителство, откако адвокатите на обвинетите побараа од ова обвинителство да го преземе случајот.

Случајот „Монструм“ беше споменуван и во периодот кога беа актуелни прислушуваните разговори од проектот Вистината за Македонија. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев тогаш изјави дека обелоденувањето на вистината за случајот „Монструм“ нема да ги наруши меѓуетничките односи во земјата, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои се уште надвиснуваат над овој процес.

„Тоа што ќе го обелоденам е поврзано со тоа што го имам - телефонски разговори и смс пораки. Нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес“, изјави тогаш Заев.

Што точно имало во разговорите поврзани со овој случај, јавноста никогаш не дозна, затоа што не беа никогаш обелоденети.

Четворицата другари од Радишани, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски, и рибарот Борче Стефковски беа убиени еден ден пред Велигден, на 12 април 2012 година, кај езерото во атарот на селото Смилковци. Обдукцијата врз убиените покажала дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.

Убиствата предизвикаа протести од страна на граѓани на населбата Радишани, од каде потекнуваат четирите убиени момчиња. При протестите граѓаните го блокира пристапот до Радишани и Љуботенски пат. Жителите тогаш побараа итно да биде расчистен случајот и да бидат откриени злосторниците.

На 23 февруари 2013 година во близина на брегот на Смилковско езеро, на местото Кршиколе или Крст, осветен е камен темелник на црквата Црква „Св. 40 Маченици“, кој е посветен на убиените момчиња.