Досегашниот претседател на СДСМ Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска повторно се избрани на истите партиски функции. Делегатите на денешниот 22 конгрес ја дадоа поддршката на досегашното раководство. Од 723 присутни делегати, гласаа 643, а поддршка на Заев му дадоа 597 делегати. На конгресот што се одржа во скопскиот хотел Александар Палас избрани се и членови на Централниот и на Надзорниот одбор на партијата.
Оваа поддршка за мене е обврска кон членовите на СДСМ, но и пред граѓаните кои ни дадоа доверба да ја предводиме новата реформска влада, рече Заев.
Пред нас е долг пат, додаде тој, ветувајќи дека ќе работеле темелно и посветено. Мандатарот, кој според неговите најави идната недела би требало да ја предложи и владата до Собранието, вети подобро општество и држава.
„Тоа ќе биде унитарна држава која што достоинствено чекори по патот на прогресот и развојот водејќи се од демократските вредности и од човековите слободи и права. Тоа е патот до Европската унија и НАТО, таму каде што ни е местото”, рече Заев.
Шекеринска, пак, нагласи дека заедно ќе работеле многу и дека по четири години повторно, како што рече, ќе биле горди за тоа што заедно го направиле.
Претходно во почетниот дел на конгресот пред гласањето, Заев вети солидарно општество, без реваншизам, департизација, поголеми работнички права, аргументи, а не лажни вести.
„Влогот е превисок, да не дозволиме да не поведат ниски политички страсти или нефер ривалства, без разлика дали меѓусебе или кон нашите политички противници”, рече Заев.
ВМРО-ДПМНЕ: Популизам и лицемерие на Заев
ВМРО-ДПМНЕ во реакција на обраќањето на лидерот на СДСМ препозна празни зборови, популизам и лицемерие, кои како што наведоа во писменото соопштение, биле карактеристики и главно обележје на неговото делување и на СДСМ во изминативе години.
„Граѓаните не му веруваат и не му ја даваат нивната поддршка затоа што сметаат дека тој ниту има капацитет, ниту има знаење за да ја води државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението тие ги набројуваат проектите кои нивниот претседател Никола Груевски ги промовирал деновиве.
Тој и денеска присуствуваше на пуштање на германска инвестиција во Велес. Таму оцени дека на конгресот на СДСМ имало стари и препознатливи лица.
„Ги гледам горе доле истите луѓе коишто ги препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации, обвинувања на противникот наместо фокус и концентрација на нови проекти и на нешто што ќе го подобри животот на народот”, рече Груевски.
Црвенковски и Заев заедно на конгресот
На конгресот присуствуваше и поранешниот претседател на партијата и поранешен шеф на државата Бранко Црвенковски. Неговото присуство предизвика внимание во јавноста во која тој исклучително ретко се појавува. На почетокот Заев го поздрави, нарекувајќи го почитуван претседателе, што предизвика аплауз во салата. Присутни беа и претставници од европските сестрински партии на СДСМ и делегации од други македонски политички партии, меѓу кои и од Беса предводена од претседателот на партијата Биљаљ Касами, делегација од ДУИ и вонпарламентарните партии од деницата, Обединети за Македонија, ВМРО Народна партија, Достоинство. Преовладуваа говори, за како што велат, долгата борба против режимот, споменувајќи ги таканаречените бомби, кампот пред владата, Граѓаните за Македонија, Шарената револуција.