Достапни линкови

Предлог владата на Заев се уште неизвесна


Архивска фотографија - Зоран Заев, мандатар за состав на новата Влада, 17.05.2017
Архивска фотографија - Зоран Заев, мандатар за состав на новата Влада, 17.05.2017

Се уште е неизвесно дали до вечер мандатарот Зоран Заев ќе ја достави предлог владината програма и составот до Собранието. Неизвесно е и учеството на Беса кои инстистираат на почитувањето на принципите кои писмено ги доставија до СДСМ.

Засега неизвесно е дали денеска мандатарот Зоран Заев ќе успее до Собранието да ја достави владина програма и составот на владата. Договарањата се одолговлекоа најмногу поради ставот на Беса. Од таа партија до СДСМ испратија принципи на кои, како што велат, се уште очекуваат одговор. Без прифаќање на принципите во целост, нема преговори за учество во владата, повторуваат од партијата.

Беса писмено побараа од СДСМ во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство има подигнато обвиненија, бараат рокови до кои би се отвориле некои теми или, пак, би се донесле некои закони, како на пример за јазиците, балансирано владеење и отворање на темата за редефинирање на државата. Од СДСМ засега нема одговор што и дали возвратиле на ваквите писмени барања на Беса.

Од учеството на Беса во владата зависи и конечната слика за поделбата на ресорите. Ако во идната влада се СДСМ, Алијансата за Албанците и ДУИ, тоа значи дека таа ќе има поддршка од 62 пратеника, колку што вкупно имаат овие три партии. Во оваа фаза нејасно е како ќе се однесуваат петте пратеници на Беса ако тие одлучат да останат надвор од владата, дали ќе гласаат опозициски или, пак, ќе и даваат поддршка на владата во која нема да бидат дел.

Лидерот на Движењето за реформи во ДПА и претставник на Алијансата за Албанците Зијадин Села синоќа во интервју за телевизијата Алсат рече дека без разлика дали тие ќе влезат во новата влада или не, ќе му дадат целосна поддршка на Заев да раководи со државата.

ДУИ досега имаше се чини појасни позиции. За нив нема дилема дека ќе бидат дел од власта, а според изјавата на нивниот претседател Али Ахмети, тие ќе ги добијат министерствата кои и досега ги раководеа во владата со ВМРО-ДПМНЕ - правда, економија, локална самоуправа, животна средина и вицепремиерското место за спроведување на Охридскиот договор. Образованието кое досега беше кај ДУИ, според некои информации сега може да биде предводено од СДСМ, а здравството на чие чело беше кадар од ВМРО-ДПМНЕ, според начелни договори сега ќе биде во рацете на Алијансата за Албанците. Кадар од оваа коалиција можно е да го раководи и местото вицепремиер за евроинтеграции, потврдуваат од Алијансата за Албанците, сепак, нагласувајќи дека се уште не е ништо дефинитивно.

Очекувањата дека до Собранието до вечер ќе се достави предлог влада се засилија и по завчерашната изјава на мандатарот Заев. Тој рече дека очекува затворање на списокот на министри до крајот на оваа недела, а нова влада да се избере во почетокот на следната. Според Деловникот, дебатата за избор на владата треба да заврши најмногу за два дена и до полноќ се гласа за неа во целост.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG