До изборниот конгрес на СДСМ в сабота, мандатарот Зоран Заев, ќе се обиде во Парламентот да ја достави владината програма и предлог министрите, но ако се одолговлечи прецизирањето на останатите детали со партиите од парламентарното мнозинство, можно е предлогот во Парламентот да стигне викендов, брифираат извори од СДСМ. Ова е на линија со она што го спомена и Заев по средбата со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Брисел. Тој рече дека со ДУИ и со Алијансата за Албанците се многу поблиску во распределба на ресори и во изнаоѓање на квалитетни кадри, а со партијата Беса не разговарале се уште за кадри, туку за ресори.
Од Беса денеска велат дека чекаат одговор од СДСМ за тоа дали се прифатливи принците, кои тие писмено ги доставиле. Од нивниот преговарачки тим велат дека во принципите тие инсистираат во власта да нема луѓе за кои СЈО има подигнато обвиненија, бараат рокови до кои би се донеле некои закони, како на пример за јазиците, балансирано владеење и редефинирање на државата.
Прво Заев нека одговори дали ги прифаќа принципите, па потоа ќе разговараме за ресори, тврдат од Беса.
Од Алијансата за Албанците, пак, кратко одговараат дека нема ништо конечно договорено. Досега само претседателот на ДУИ Али Ахмети даде поконкретни одговори. Тој по средбите со раководството во неговата партија рече имаат претседател на Собранието и дека ќе бидат предводени ресорите кои досега ги предводеше ДУИ, а дека промени има кај Министерството за образование и Министерството за здравство.
Претходно Ахмети спомена дека здравството ќе биде раководено од кадар на албанските партии што ги подгреа и гласините дека тој ресор ќе го преземе Арбен Таравари, кадар на Алијансата за Албанците.
ДУИ досега ги раководеше министерствата за правда, економија, локална самоуправа, животна средина и образование за кое сега се споменува дека ќе премине во рацете на СДСМ. Ахмети споменувањето на конкретни имиња како потенцијални министри од ДУИ го нарече шпекулации, а и од СДСМ тврдат дека се гласини пишувањата на медиумите за кадрите од нивната партија кои би ги воделе министерствата. Во јавноста најчесто се споменуваат Радмила Шеќеринска, Рената Дескоска, Никола Димитров, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Мила Царовска. Драган Тевдовски, Кире Наумов како министри во идната влада. Во неа се очекува, како и досега, две потпретседателски места да има ДУИ, за рамковен договор и евроинтеграции.
Во јавноста се отвори дебата за можноста претставник на стопанските комори да добие вицепремиерско место. Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Комората на северозападна Македонија излегоа и со свои кандидати, Кочо Анѓушев, Александар Зарков и Неби Хоџа, но на ова јавно реагираа неколку синдикати, па останува нејасно каква ќе биде одлуката на мандатарот.
Сепак, за конкретната листа на кадрите во нова влада се чека договорот меѓу СДСМ и Беса која со своите пет пратеници ќе овозможи поддршка на новата влада од 67 гласа. Доколку пак, не успеат преговорите владата во Собранието ќе има поддршка од 62 пратеника.
Ако успеат, како што се надева и Заев, до крајот на неделава да ја достават владата до Парламентот, тоа значи дека во идната недела земјава би требало да добие нова Влада. Според Деловникот, дебатата треба да заврши најмногу за два дена и до полноќ се гласа за владата во целост.