Принципите за коалицирање, поконкретно точки и приоритети од програмата на идната влада и профилот на лицата кои би можело да ги водат министерствата и другите пониски ешалони, но не и конкретни имиња и ресори биле разговарани на досегашните средби на мандатарот Зоран Заев со ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, брифираат извори од СДСМ. Тие додаваат дека на средбите неделава се очекува поконкретно да се прецизира поделбата на ресорите и тоа кои имиња би ги воделе.
Се очекува што е можно поскоро мандатарот Заев да ја достави владината програма и предложените министри до претседателот на Собранието Талат Џафери, но седницата за избор на владата преамбициозно е да се очекува оваа недела, велат извори од парламентарното мнозинство.
Според собранискиот деловник, од кога претседателот на Собранието ќе ги добие предлогот за состав на Владата и програмата веднаш им ги доставува на пратениците, а седницата за избор треба да се одржи во рок од 15 дена од денот на приемот. Очекувањата се дека закажувањето ќе оди брзо, бидејќи на итни измени чекаат и градоначалниците кои веќе една недела имаат истечен мандат.
Претседателот на Собранието Џафери во минатата недела рече дека ќе закаже седница за избор на влада во моментот кога ќе го добие материјалот и дека паралелно со оваа седница ќе се одржува и седница за измени на Изборниот законик, односно за закажување термин за одржување на локалните избори.
Потоа, според деловникот, за програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес кој трае најмногу два дена. Гласањето за избор се врши за состав на Владата во целина, а треба да заврши најдоцна до полноќ.
И додека од СДСМ официјално постојано негираат дека има договор за поделба на министерства и дека има и кадровски решенија некои медиуми објавуваат и имиња на идните министри. Од СДСМ се споменуваат имињата кои веќе беа во секторите на техничката влада, Оливер Спасовски во МВР, Фросина Ременски во труд и социјала, Љупчо Николовски во земјоделство и заменик претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска.
Од ДУИ, пак, актуелни се и имињата на градоначалничката на Тетово Теута Арифи и градоначалникот на Чаир Изет Меџити. Алијансата за Албанците, пак, како што се јавува, наводно ќе го добие министерството за здравство. Најнеизвесни за коалицирање се уште остануваат Беса. Делегациите на Беса и на СДСМ се сретнаа во саботата и исто така рекоа дека разговарале за принципите, но од партијата велат дека засега нема ништо ново по таа средба.