„На почетокот на идната недела Македонија треба да има нова влада“, изјави мандатарот Зоран Заев во Брисел по сребата со високата функционерка на ЕУ, Могерини и по заедничката вечера со премиерите на земјите од Западен Балкан. Оваа најнова вест од Брисел ја објавуваат Слободен печат и Дневник. Веста дека Заев е во Брисел по покана од Могерини, како мандатар за влада, ја објави и Утрински.
Вечер, пак, со сомневање, објави текст со наслов: „Мала бара, многу крокодили – Продолжуваат преговорите, дали Заев ќе успее да состави Влада?!“ Утрински со друга диоптрија. „Заев по средбите со Ахмети, Села, Касами: ги приближуваме ставовите за новата Влада“ – ја пренесе весникот неговата изјава од пред некој ден.
Нова Македонија информира дека Зијадин Села се вратил од боледувањето по сериозните повреди што му беа нанесени од насилниците во Собранието и дека „Прв гостин му бил Заев“.
Утрински ја пренесува изјавата на Али Ахмети: „Декларацијата на албанските партии нема цела да биде дел од владината програма, за Македонија сега е најважно да просперира во ЕУ и НАТО и да остане стабилна, а сите аспекти од декларацијата ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност бидејќи не претставуваат никаква закана за Македонија“. Вечер, изјавата на Ахмети за медиумите ја пренесува со спротивен наслов: „Ахмети: Новата влада ќе ги реализира точките од тиранската платформа“.
Утрински дава една интересна информација дека „За преговорите со СДСМ движењето БЕСА се консултира со аналитичарот Владимир Божиновски, кој во јавноста важи за аналитичар близок до ВМРО-ДПМНЕ“.
Истиот весник ја пренесува и изјавата на Груевски дека не планирал да се повлече од лидерската функција во партијата затоа што имал долг кон граѓаните.
Сите печатени медиуми ја објавија веста дека Иванов се сретнал во Москва со Путин, кој изјавил дека „Русија следи што се случува во Македонија“ и „Македонската ситуација да се решава во согласност на Уставот“, ја пренесуваат весниците информацијата на државната агенција МИА од Москва.
Нова Македонија информира дека „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“ се новите истраги што ги почнало СЈО во кои Груевски се сомничи за перење пари од донациите на неговата партија. Вечер со контра: „СДСМ преку СЈО тргна во потера против Груевски“.
Во меѓувреме, судството како да се прикажува како последен бедем на одбраната на досега владејачката партија: „Кривичниот совет го одби барањето на СЈО, нема замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ како привремена мерка во истрагата ’Талир‘“, објави Утрински.
Во електронското издание на весникот се чита и дека „Деветмина насилници од Собранието, обвинети за учество во толпа, што од страна на експерти беше оценето како преблаго обвинение,пуштени на слобода со условни казни“. Меѓу нив, инаку, е и криминалецот со прекар Жабата кој одлежал затвор за две убиства.
Дневник го критикува државното Обвинителство дека за насилниците реагирало брзо со овинението, абавно работи на кривичните против Мухиќ, Мисовски, Талат Џафери и 64 други пратеници. : „ОЈО во еден случај е брзо, во друг бавно“.