Достапни линкови

Најпрвин влез во ЕУ и НАТО, па соработка со Русија


Мандаторот Зоран Заев се сретна со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Брисел, 24 мај, 2017.
Мандаторот Зоран Заев се сретна со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Брисел, 24 мај, 2017.

Приоритет треба да бидат нашите односи со Брисел и ЕУ, а паралелно да се одржуваат и односите со другите поголеми земји.

Дилемата дали треба да се соработува со други држави или надворешната политика треба да се насочи само кон стратешките партнери, останува отворена и по вчерашните посети на претседателот Ѓорге Иванов на Москва и лидерот на СДСМ Зоран Заев на Брисел.

Во моментите кога не ги исполнивме потребните задачи за членство во ЕУ и НATO, јасно е дека затаивме, посочува универзитетскиот професор Денко Малески.

„Да бевме напреднати во тој процес и да бевме дел од тие структури, никој немаше да забележи за блискоста и соработката со другите земји, како што е Русија, која е значајна земја во Европа. Вака работите се крајно сомнителни. А тоа е, дека едно раководство не е во состојба да се носи со обврските кои произлегуваат од таа наша стратешка определба за членство во НАТО И ЕУ и бара некаква полесна опција, а тоа е соработка со Русија, Кина итн.“, вели професорот Малески.

Поранешниот дипломат Благој Зашов се согласува дека приоритет треба да бидат нашите односи со Брисел и ЕУ, а паралелно да се одржуваат и односите со другите поголеми земји.

„Една земја мора да води сметка за своите односи и приоритети што ги има и за европското приклучување, но и да ги зачува односите со другите земји. Мислам дека средбата Иванов - Путин е корисна, зошто со Русија и натаму ќе имаме односи кои ќе треба да бидат на соодветно ниво. Дури и западните земји кои се стари членки на ЕУ имаат односи со Русија и другите земји и тука нема ништо спорно“, вели Зашов.

Во меѓународната дипломатија не е непознато да одржувате блиски односи и со западните и со источните земји, велат дипломатите.

„Раководството треба да води сметка и за едните и за другите интереси. Се разбира приоритет се дава за она што ни е главно, а тоа е приклучувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО“, вели Зашов.

Потенцирајќи ја нашата стратешка определба за членство во западните сојузи, професорот Малески додава дека на тој пат не сме стигнати далеку за да можеме да си дозволиме координација во односите со Русија.

„Кога ние би биле дел од тие структури, тогаш би ја координирале нашата активност во врска со односите со Русија, оти тоа е дел од политиката на Сојузот. Вака ние се однесуваме како слободни стрелци во обид да ја повториме некогашната политика на неврзување, но тоа се неуспешни работи кои не и носат ништо добро на Македонија“, вели Малески.

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на Русија Владимир Путин(
Средба на претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на Русија Владимир Путин(

По средбата со рускиот претседател Владимир Путин, шефот на државата Ѓорги Иванов изјави дека Македонија не сака нејзините стратешки определби да бидат на штета на односите со Русија. Во последното интервју за нашето радио лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека е потребна соработка со Руската федерација,особено во делот на економијата и образованието, но исто така додаде дека нема друга алтернатива за Македонија, освен полноправно членство во ЕУ и НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG