ОФФЕСТ 2017 со хипнотички ритми и антифашистички пораки

Кинг Ајисоба, музичар од Гана

Дамир Имамовиќ - босанскиот севдах-модернист, нашите, а „светски“ ЉУБОЈНА, италијанските фолк „партизани“ BELLA CIAO, страстната португалска фадо ѕвезда Жизела Жоао, авангардните Јужнокорејци BLACK STRING, хипнотичната Естонка Марја Нут, данското дуо DEN SORTE SKOLE и претставувањето на издавачката етикета „Глитербит рикордс“ со двете нејзини вонсериски пројави – Кинг Ајисоба од Гана и Мавританката – Нура Минт Сајмали, го чинат 16 издание на ОФФест, манифестацијата на „една поинаква музика“, што од 25 до 28 мај, на неколку сцени ќе се одржи во Скопје.

Во деновите на распукнувачка политичка тензичност, судски ујдурми и „културни“ харикири дејанија на Скопје и на слободноумната македонска мисла, по 16-ти пат ќе им се случи ОФ-ФЕСТ, манифестацијата која под плаштот на незграпниот термин „светска музика“, се обидува не само да ги промовира глобалните созвучја, туку напоена од изворот на автентичните музички јазици и да се фокусира на нивната современост и на потребата за експериментален исчекор во иднината.

И, кога ова е веќе познато, повеќе од јасно е дека и актуелната програма на случувањето донесува широк спектар на творечки изблици и пораки кои завредуваат особено внимание и не само од трагачите по музички возбуди.

На самиот почеток, в четврток, од 20 часот, на сцената во Македонскиот народен театар, ќе ги имаме веројатно најсилните (зошто да не и најквалитетните) нови балкански звуковни пројави – Дамир Имамовиќ и ЉУБОЈНА.

За сараевчанецот Имамовиќ, инаку вистински следбеник на лозата врвни интерпретатори на севдалинки, познато е дека посветен истражувач на босанскиот мелос, едукатор и продуцент. Но, наместо до немајкаде да ги „преџвакува класиците“, тој креира спој на музика и поетика кои ја крепат идејата за севдах. Меланхоличен и модерен, токму онаков како што треба за средба меѓу световите. Впрочем не случајно на неговата скорешна објава како продуцент се јавува Крис Екман од WALKABOUTS и со-основач на „Глитербит рикордс“.

Љубојна, музички состав

Во овој контекст, разбирливо е што на истата сцена ќе се најдат и нашите ЉУБОЈНА. Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, со тајфата врвни инструменталисти и веројатно најсилното свое издание досега – албумот „Радио Љубојна“, наново ќе не исправат пред идејата за средба на Истокот и Западот, дарувајќи ни музика полна непарни ритми, срцевина и емотивност својствени само за оние кои директно се напојувале од непоматениот извор на нашата традиција.

„Ќе се обидеме „Радио Љубојна“ да го сместиме во една убава, кадифена атмосфера, со целата топлина на звукот којшто тој со себе ја носи“, вели Вера Милошевска во пресрет на концертот на кој зад неа ќе бидат и Васил Хаџиманов, Владимир Крстев, Најдо Шаќиров...

Втората вечер на ОФ-ФЕСТ 2017 ќе ја отворат BELLA CIAO кои од своја страна го заговараат повторното оживување на богатата традиција, на проектот насловен „Нова италијанска канцона“ во чии рамки се збирани музичките материјали настанати во периодот 1954 – 1964 година. Преку своите слободоумни вредности и пораки за мир и граѓанско општество, песните од овој циклус, интерпретирани од хармоникашот Рикардо Теси, гитаристот Маурицио Гери, перкусионистот Џиџи Бјолкати и пејачите како Лучија Галеаци, Лиуза Костифољи, Елена Леда и Алесио Лега, не само што ја задржале нагласената моќ, туку во себе носат и нов императив во глобализираниот свет.

По нив ќе ја чуеме и видиме Жизела Жоао, новата португалска фадо ѕвезда, чија пројава ја карактеризираат „тивката меланхолија, еруптивниот и суров климакс и болното помирување со судбината“. А, што друго да се очекува од од потписничката на албумот „ Nua “ (2016) и девојката која знае да каже: „Мнозина мислат дека фадото е тажно, но тоа не е тажно туку интензивно. Како и самиот живот.“

В сабота, пак, на 27 мај, во 20.30 часот, во МКЦ, случувањата ќе започнат со хипнотичната естонска виолинистка и пејачка, минималистката Марја Нут и нејзиниот собеседник и композитор на електронска музика Хендрик Каљујарв. Тие ќе ја сторат овдешната промоција на нејзиниот многу фален актуелен албум „Une Meeles “, кој освен што заведува со индициите за блискот до делата на творци како Арво Перт и Филип Глас нуди и нови хипнотички звуковни пејзажи.

Потем следува перформансот на Јужнокорејците BLACK STRING, бендот на Јон Џеонг Хо, некогашниот член на TORI ENSEMBLE, и дружината која експериментирајќи на инструментариумот сочинет од геомунго, бамбусови флејти, разни перкусии се стреми кон „нов звук кој соединува различни изрази од традиционалната музика, е и во хармонија со останатите глобални стилови“. Впрочем, најубав показ за нивното делување е штотуку објавениот носач на звук за германската етикета „АCT“ - „Mask Dance“ за кој критиката забележа дека е „моќен, убав и скапоцен“.

И, конечно, длабоко по полноќ, во Станица 26, е планиран да се случи перформансот на данското дуо DEN SORTE SKOLE (Мартин Хојланд и Симон Докедал – грамофони и електроника), кои бришејќи ги сите огради нудат концепт на „раскажување музички приказни низ времето и просторот“.

Последната вечер од годинашниот ОФФЕСТ, онаа планирана за во недела 28 мај, е концептуална и во основа подразбира претставувањето на реномираната издавачка етикета „Глитербит рикордс“. Од таму најнапред во кино „Фросина“ ќе биде прикажан документарниот филм „Every Song Has Its End“ на американскиот продуцент, филмски режисер, професор и музичар Пол Чендлер кој е посветен на културолошкото богатство на традиционалната музика од Мали. Веднаш по ова исклучително остварување следува концертот на харизматичниот и неодолив пејач од Гана - Кинг Ајисоба со неговиот бенд и специјалниот гостин Зеа, продуцент на актуелниот албум „1000 Can Die“( во кој независно дали се пее и пораките се соопштуваат на еден од автентичните јазици како фрафра, тви или на пиџин англиски, како што се вели, „историјата и денешнината стојат заедно“) и член на легендарниот холандски пост-панк бенд THE EX.

Нура Минт Сајмали, пак, со две силни албумски објави зад себе - деби изданието „ Tzenni“ од 2014 година кое беше прогласено за „најдобриот психоделичен блуз албум и актуелниот „Arbina “, се смета за водечката уметница од Мавританија на интернационалната сцена. Инспирирана од традицијата на маварските гриоти (посебна каста на поети и историчари), за неа и нејзиниот бенд се вели дека креираат „моќна песочна бура од хипнотички ритми во која се вкрстени звуците на минатото и психоделијата“. Ништо подобро за едно големо и несекојдневно финале еден ваков космополитски фестивал .

Оливер Белопета, првиот човек на Скопски џез-фестивал – организаторот на манифестацијата, знае да каже дека ОФФЕСТ „го има позитивното значење на сите фестивали во светот кои се фокусирани на музиката на светот (World Music), затоа што собираат огромен број слободоумна публика и покрај сите глобални проблеми, како миграциите, тензиите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Токму на тоа, смета Белопета, се должи експанзијата на музиката на светот во последните 30 години и нејзиниот разбирлив влез во земјите од западниот свет.

„На пример во Франција ќе се изненадите колку е таа публика мешана, без знаци на шовинизам или расизам. Потребно ни е враќање на слободоумниот дух, особено денес кога се присутни и елементи на фашизам. Затоа пораките од песните на BELLA CIAO, на пример, се свежи и актуелни и денес и е неизоставно потребно да се слушнат. Затоа овие типови фестивали на музика на светот станаа многу важни во светската глобализација. Убавата и добра музика не доаѓа само од Западна Европа и од САД, како што бевме навикнати над 40 години, туку од сите континенти и традиции“, вели Белопета.