Дали Собранието може да носи закони пред да се избере Влада?

Собрание на Република Македонија

Ништо не може да добие предност на дневен ред во Собранието пред да се избере новата Влада, велат познавачи на собраниските процедури. Од парламентарно мнозинство велат дека сакаат точките за локалните избори и екстерното да се решат и пред седницата за избор на новата Влада.

Во јавноста се појавуваат дилеми дали во Собранието во наредниот период може да се одржи седница за измените на законот за локална самоуправа и измените на законите за основно и за средно образование со кое ќе се укине екстерното тестирање, пред да има седница за избор на нова Влада. Од партиски извори од новото парламентарно мнозинство велат дека сакаат проблемот со истечениот мандат на градоначалниците и со укинувањето на екстерното да се реши на седница во Собранието што би се одржала и пред седницата за избор на новата Влада. Но извори од собраниските служби велат дека не може да има постапка без работни тела.

И поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, објаснува дека ништо не може да се постигне на дневен ред во Собранието пред да се избере новата Влада. Предлагач на политиката на победничките партии е Владата. Таа ги извршува законите, вели Петковски.

„Локалните избори се договорени, но има детали околу роковите, изборните комисии, ребалансот на буџетот треба да се направи за да реализираат локалните избори. Ниеден закон не може да се донесе без новата Влада, бидејќи таа треба цврсто да застане зад законите. Зад сите овие предлози на закони, независно што ги предлагаат пратеници според уставот и деловникот, Владата дава свое мислење дали може тие предлози на група пратеници таа да ги реализира. Не може ништо да добие на дневен ред предност пред составување на владата“, изјави Петковски.

Со оглед на изјавата на мандатарот Заев дека Владата многу брзо ќе се состави, односно дека можно е да има нова Влада за 10 дена, според Петковски измените на законите може да се најдат на дневен ред во Собранието по први јуни.

СДСМ велат дека ги доставиле предлог измените на законот со кои треба да се укине екстерното и очекуваат измените да се донесат во скратена постапка и уште оваа година да се укине екстерното. Собранието исто така треба да најде решение и за градоначалниците на кои во понеделникот им заврши мандатот.

Но според извори во собраниските служби, кои се повикуваат на процедурата, мандатарот до Собранието прво треба да достави програма и предлог за Влада, по што спикерот материјалите им ги доставува на пратениците кои имаат рок од три дена да ги разгледаат.

Неодамна Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека седницата за избор на новата влада ќе зависи од мандатарот кој треба да му достави програма и предлог за нова Влада. Тој кажа дека седницата за измени на законот за локални избори ќе се одвива паралелно, штом за тоа до него ќе бидат доставени материјали. Џафери објасни дека се уште не се формирани пратенички групи, затоа што до него не се испратени дописи за групирање на пратениците.