Обвинителството преблаго кон одговорните за насилствата во Собранието?

Кривичните дела за кои се товарат обвинетите и осомничените за насилството во Собранието на 27 април, според упатените, се преблаги. Според нив, потребно е обвинителството да ја прошири истрагата и да изврши преквалификација на делата.

За насилствата во Собранието на 27 април осомничени се 30-тина лица, а обвинение засега е покренато само против девет лица. Речиси сите се товарат за истото дело - учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должност. Доколку бидат прогласени за виновни се соочуваат со казна затвор од 3 месеци до 3 години. Само двајца, татко и син се обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села.

Доколу правото на живот е загрозено со средство кое е опасно по него, тогаш обвинителството треба и таа димензија да ја гледа, вели поранешната судијка во судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела. Според неа, на снимките се гледа дека биле употребени средства со намера дури и некој да биде убиен и тоа не може да биде третирано само како кривично дело учество во толпа.

„Поради тоа сметам дека обвинителството во понатамошната своја работа мора да ги има предвид и овие елементи и да не оди на благото заклучување дека станува збор за учество во толпа. Сите тие што влегоа во Собранието, учествуваа во толпа, но друга е намерата. Сигурно дека намерата не била само да влезат и да покажат дека влегле. Самото упатување и самото водење во прес центарот и она што се слуша во меѓусебните разговори укажува дека има одредени елементи на други кривични дела“, вели Цаца Николовска.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека станува збор за повеќе кривични дела и зачудува како обвинителство оди на најлесното дело и очекува истрагата да биде проширена и одговорност да имаат и организаторите и пратениците кои им помагале на демонстрантите. Според него, кривичните дела може да бидат преквалификувани и до крајот на судењето.

„Инаку, ако инсистира и настојчиво останува само при оваа квалификација на делото, тогаш тоа за мене претставува тешка повреда и несовесно постапување на обвинителот што преставува основ и за политичка одговорност и разрешување“, смета Кадриу.

Цаца Николовска додава дека секој треба да одговара, како и помагачите кои овозможиле настаните да се случат и демократијата која пратениците треба да ја практикуваат секако не е насилството. Првото судење за насилството во Собранието беше одложено поради отсуството на еден од обвинетите. Претседателот Ѓорге Иванов предложи амнестија за обвинетите, бидејќи, како што рече, потребно е помирување меѓу народот.