Протестите на демонстрантите од „За заедничка Македонија“ во Прилеп прекинаа. Не се слуша веќе ни химната точно напладне, но жолто-црвената ткаенина сè уште стои на балконот од градската Саат кула, како симбол, поточно одраз на поддршката на градот. Но, многубројните граѓани што не ги поддржуваа овие протести реагираат дека некому е дозволено да врши злоупотреба на споменични обележја во партиски и политички цели.
„Саат кулата е споменик на културата во сопственост на Владата на Република Македонија, а е даден на користење на локалната самоуправа во Прилеп, која што го поседува и клучот на објектот, поради одржување на механизмот на часовникот“, информираат надлежните од Завод и Музеј - Прилеп.
Од Општина Прилеп и овој пат се потврди практиката, и изборот на одделот за односи со јавност и кабинетот на градоначаланикот Марјан Ристески, да не одговорат на прашањата, зошто и кој дозволил да се стави симболот на демонстрантите од „За заедничка Македонија“ на Саат кулата. И што е уште побитно според кој закон е тоа дозволено?
Советникот од СДСМ и прв социјалдемократ од Прилеп, Сашо Велески најави дека на седница на Совет ќе побараат одговор.
„Не е донесена одлука на ниво на Општина Прилеп, што нè доведува до сомнение дека локалната власт ги злоупотребува културно-историски споменици во градот Прилеп, којшто е симбол на градот Прилеп, да задоволи една група граѓани коишто се претставуваат како здружение на граѓани без политичка позадина“, вели Велески.
Градската Саат кула впрочем е вистински хроничар на општествено – политичкиот живот на градот, огледало на политичкиот дискурс на времето.
Пред осамостојувањето на Македонија, во време на поранешното социјалистичко општествено уредување, локалните власти ставија петокрака на врвот од кулата, на височина од 55 метри. По осамостојувањето на Македонија локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ ја симна петокраката и преку ноќ стави крст, обележувајќи го своето владеење.
Саат кулата е градена во далечната 1858 година, од ктиторот Саид ага, од градителските раце на прилепчаните: Коста Лауцот и Ристе Тасламиче. До денеска таа сепак го зачувала својот облик, иако е дел од политичката кампања на властите. Наместо музеј отворен за туристички посети, како што најавуваше градоначалникот Марјан Ристески, сè уште е омилена локација што чафките ја полнат со остатоци. Видливата инклинација од 114,4 сантиметри сепак е целосно запрена во 2013-та година.
„Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика ...„Ах...“ е пораката потсетник за краткотрајноста на човечкиот живот, веднаш на влезот на споменикот, симбол на прилепскиот опстој низ вековите.