Достапни линкови

Граѓаните не знаат за што дебатираат пратениците


„Не знам, ама мислам дека ни тие не знаат“ за што дебатираат во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Повеќе од еден месец пратениците расправаат, а мнозинството граѓани не знаат за која точка се дискутира. Социолозите сметаат дека таквата појава е резултат на слабата информираност на граѓаните, но и слепата послушност кон партискиот лидер.

Иако дебатата за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието трае речиси еден месец, мал дел од граѓаните знаат всушност за што расправаат пратениците. Повеќето од оние кои ги прашавме дали знаат која точка е на дневен ред на седницата, велат дека не знаат, затоа што не ги интересира.

„Не следам, не ме интересира.“

„Не сум во тек, преку глава ми е од политиката.“

„Не ме интересира, имам некои други поважни работи.“

„Поим немам, не ме интересира“, беа одговорите на дел од граѓаните.

Тие пак кои ни кажаа дека се информирани, погрешно одговорија. Убедени се дека пратениците дискутираат за таканаречената Тиранска платформа.

„Па за платформата, се знае за што се дискутира.“

„Па за Тиранската платформа се расправа, се знае, следиме тоа, се работи за македонско национално прашање“, велат анкетираните

Сепак сретнавме и такви коишто имаа повеќе информации за дебатата во Собранието.

„Па знам. Се дебатира за избор на претседател на комисијата за избори и именувања.“

„Мислам дека и тие не знаат, на кој како му одговара така си гледа“, велат дел од анкетираните минувачи.

Расправата која предолго трае е јасен показател на случувањата во македонското општество, а жално е тоа што во неа се вовлечени и граѓаните, кои истата ја следат со горчина, оправдување или индиферентност, вели универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски.

Според него постојат две причини поради кои мнозинството граѓани не знаат за што се дискутира во Собранието или воопшто не се интересираат за расправата.

„И на ова прашање се покажува дека македонските граѓани во најголем дел или слабо се информирани или слабо читаат или пак еден дел слепо му веруваат на она што ќе го каже Никола Груевски. Тој партизиран дел е помал и мислам дека истиот веќе и знае што се случува, бидејќи застануваат во првите редови на протестите на За заедничка Македонија“, вели Тоновски.

Негов заклучок е дека оценувањето на тоа што се случува во Парламентот е многу погрешно, затоа што македонските граѓани не настојуваат да се информираат за настаните во земјава, малку читаат весници и слабо ги користат медиумите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG