Локални избори во октомври?

Архивска фотографија-претседателот на Собранието Талат Џафери

По средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери, претставниците на политичките партии не дадоа изјави. Од Кабинетот на претседателот на Парламентот информираа дека треба да се донесе предлог-закон со кој изборите за градоначалници би се одржале во октомври.

Претставниците на парламентарните партии со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ на координацијата со претседателот на Собранието Талат Џафери се договориле дека приоритетно е постигнувањето договор за донесување на предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во октомври, се наведува во соопштението испратено од Кабинетот на Џафери.

Во него пишува дека со измените треба да се овозможи мандатот на сегашните градоначалници и советници да биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците.

На собраниската координација дојдоа од СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА. Од ВМРО-ДПМНЕ чиј претставник Никола Тодоров во саботата беше на средба во Собранието, сега не дојде никој.

Од партијата претходно соопштија дека нема да учествуваат, оти Талат Џафери не бил избран за претседател на Собранието во законска процедура и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гледала причина зошто би одговарала на покана која пратеникот ја испраќал во својство на претседател.

Џафери, пак, во соопштението испратено по средбата, наведува дека бил запознаен со заклучоците од неформалната средба на преставниците на политичките партии која се одржа во саботата и на која присуствуваше и Тодоров.

„Исто така, претседателот Џафери беше известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно оддолжување“, пишува во соопштението од Кабинетот на собранискиот спикер.

Претходно, додека во Собранието се уште траеше координацијата, министерката за локална самоуправа Ширет Елези упати апел за итно продолжување на мандатот на градоначалниците и на советниците. Таа апелираше до партиите, сите надлежни институции, до Собранието и до претседателот на Собранието да се вложат максимални напори и уште денеска да се најде начин за деблокирање на работата на органите на општините и на Градот Скопје.

„Од утре градоначалниците и советите на општините и на градот Скопје се без правно дефиниран статус, а граѓаните се оставени во недоумица дали ќе можат да ги остварат своите права пред органите на единиците на локалната самоуправа, преку постапки кои што веќе ги имаат започнато или пак имаат итна потреба од тоа. Локалната администрација и сите јавни служби на локално ниво се загрижени за своите плати, но и за начинот како во наредниот период ќе продолжат да ги извршуваат своите работни задачи заради непрекинато, континуирано сервисирање на граѓаните“, пишува министерката Елези.

Во средата Уставниот суд донесе одлука да не поведува постапка по двете иницијативи за локалната самоуправа односно мандатот на градоначалниците. Според упатените со престанок на мандатот на градоначалниците и советите многу финансиски работи ќе бидат доведени во прашање, не само во општините, туку и во сите институции, кои со децентрализацијата беа пренесени од централно на локално ниво. Меѓу нив како што се посочува спаѓаат основните, средните училишта, детските градинки, библиотеките, музеите, противпожарните институции.