Весници -Апсење на собраниски напаѓачи и мандат за влада

Весниците пишуваат дека напаѓачите на Села ќе одговараат за убиство во обид, понатаму може да се прочита дека Иванов очекува од СДСМ гаранции за унитарност, дека е неизвесен мандат на градоначалниците, а има и за сметките на Кочан.

Слободен печат и Нова Македонија информираат дека се идентификувани две лица инволвирани во нападот на пратеникот Зијадин Села за време на настаните во Собранието на 27 април: „Напаѓачите на Села ќе одговараат за убиство во обид“ – насловува Слободен печат пренесувајќи го соопштението на Основното јавно обвинителство. Вечер, пак, го пренесува пишувањето на Нетпрес со наслов: „Одмазничка суета на дело на ’новата власт во доаѓање‘“ и фотографија на која, според пишувањето, „се гледа како полицајци со вперен пиштол апсат еден од осомничените за случајот со тепањето на Села“.

„Се бара истрага и кривична одговорност за Дамовски, Дурловски и за Бетмен“ е насловена информацијата на Слободен печат за потегот на иницијативата „Критична маса“ за собирање потписи за петиција за спроведување истрага за иницијаторите на протестите „За заедничка Македонија“, која ќе биде пратена до Јавното обвинителство и до Народниот правобранител на Македонија.

Во образложението се вели дека две недели по крвавиот четврток овие лица сè уште не се приведени или сослушани од Јавното обвинителство за нивната улога за организираниот напад врз Собранието на Македонија.

Нова Македонија и Утрински објавуваат: „Писмото од Собранието дури вчера пристигнало кај Иванов“. Се додава дека претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на РМ“, го пренесуваат овие весници соопштението од Кабинетот на Иванов, во кое само се наведувало дека во однос на определување мандат претседателот ќе постапел „согласно Уставот и досега воспоставената практика“. Вечер излезе со наслов: „Останува неизвесноста околу мандатот – Иванов на потег, Џафери на Уставен!“ додавајќи дека и покрај „незаконскиот избор на Џафери за претседател на парламентот, Службен весник ја објави одлуката за избор и тој официјално стана претседател на македонското Собрание“. Дневник пишува: „Одлуката објавена во Службен весник – дали документите за избор на Џафери се легални или фалсификувани?“

Дневник исто така го коментира интервјуто на Заев за РСЕ: „Се подготвува за удар на независната власт – Заев првин ќе го распушти, а потоа ќе го избира судството“, наведувајќи свое мислење дека „политичка партија не би смеела да најавува нешто вакво доколку пропагира независност на судството“, исто како што и најавата за нов закон за медиуми можело да се протолкува, вели, како „обид за контрола на медиумите“.

Сите весници објавија дека Уставен не го продолжи мандатот на градоначалниците, прогласувајќи се за ненадлежен. Вечер со прашање во насловот: „Ќе се склучуваат ли бракови по 15 мај?“, а Утрински и Нова Македонија одат со наслов: „Од понеделник клуч на општините“.

„Судот ги замрзна сметките на Сеад Кочан по барање на СЈО“ – информираат Нова Македонија и Слободен печат. СЈО за Кочан ја отвори истрагата под име „Труст“ во која неговата фирма „Трансмет“, заедно со други две фирми, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ вреден повеќе од 17 милиони евра.