Мандатот е прашање на денови

Скопје, 01.05.2017, Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји, на средба со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

Во Службен весник е објавена одлуката дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието на Република Македонија. Се уште има недоумици кога почнува да тече рокот од 10 дена, до кој претседателот Ѓорге Иванов треба да го даде мандатот. Сега сè е во негови раце, повторуваат од СДСМ.

Два датума има во одлуката објавена денеска во Службен весник за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, а дополнително недоумици внесува и денот на објавувањето, односно дванаесет дена по изборот, оценуваат правни експерти.

Во објавата во Службен весник се наведува дека одлуката е донесена на седницата на парламентот одржана на 27 април, во точката два, пак, пишува дека влегува во сила со денот на донесувањето, а долу без дополнителни појаснувања е наведен датумот втори мај.

Службен весник

Според правникот експерт, универзитетскиот професор Осман Кадриу, сите правни акти што ги донесува Собранието, вклучително и изборот на претседател, стапуваат во сила со денот на објавувањето. Сепак нагласува тој, ова е специфичен случај кога постоеше поголем временски интервал од денот на носењето до денот на објавувањето.

„Таа одлука е објавена денеска и според моето мислење таа од денеска има правно дејство иако и во самиот Службен весник се наведува дека одлуката е во сила од донесувањето и се наведуваат други датуми“, вели Кадриу.

Ако од денеска почнува да тече рокот, тогаш претседателот Ѓорге Иванов има десет дена да го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, односно до 19 мај. Ако пак се земе предвид денот кога претседателот на Собранието Џафери го информираше дека е конституирано парламентарно мнозинство односно 4 мај тогаш Иванов има уште пет дена да го стори тоа.

Од неговиот Кабинет не одговорија на прашањето како ќе постапат сега и кога претседателот ќе го повика лидерот на СДСМ. Заев минатата недела рече дека е подготвен да го посети Иванов заедно со коалиционите партнери, доколку тие сакаат да го придружуваат, за да го уверат дека ќе ја гарантираат унитарноста и уставноста.

Тоа всушност, според шефот на државата остана, како што рече, суштествена пречка откако претседателот на СДСМ му достави 67 потписи на 27 февруари. Иванов на први март рече дека сè додека е претседател нема да дадел мандат ниту на човек, ниту на партија што се залагала или во својата програма има платформа за како што кажа рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија.

Но, по средбата со американскиот дипломат Хојт Ји од неговиот Кабинет соопштија дека Иванов подвлече дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи и дека бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.

Од СДСМ денеска го повторуваат истиот став дека сега сè е во рацете на претседателот Иванов.

„Не постојат повеќе никакви пречки мандатот за нова Влада веднаш да биде доделен. Ѓорѓе Иванов нема повеќе никакви изговори за да ја исполни својата уставна обврска кон граѓаните на Р. Македонија“, наведуваат од СДСМ.

Ако го добијат мандатот Заев има уште дваесет дена за преговори за состав на владата, но тој веќе наведе дека очекува за тоа да им биде потребно помалку време.