Коментари - Можни ли се коренити промени во судството?

Архивска фотографија - Претседателот на СДСМ Зоран Заев пристигнува во Основниот суд Скопје 1, Скопје.

Неделното интервју, во кое лидерот на СДСМ, најавува реформи во судството предизвикално многу коментари, најголем дел од нив не веруваат дека може да има позитивни промени. И насилството во Собранието е топ тема за коментирање.

Колку ли само негативни реакции има на нашата Фејсбук страница на зборовите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неделното интервју, дека еден од првите потези на новата реформска влада ќе биде отворање на процесите за независноста во судството! Дел од граѓаните изгледа не сакаат промени?

Стеве Петровски, на пример, смета дека „голем интерес за граѓаните е“, вели, „ти да се мавнеш оттука“, а Дејан Зорица Лазаревски иронично му порачува да не менува ништо, „овие се корумпирани, кога ќе дојдат други, како што кажуваш, вистински судии, веднаш ќе те затворат“. Горан Мрки Стрезовски е воинствено расположен: „ВМРО-ДПМНЕ да преземе нешто... Ако треба и радикални потези... Народот патриотски е спремен за одбрана на Татковината!“ – извикува во својот пост Бранко Галев, меѓутоа, има сосема спротивно мислење:

„Од корен ИЗМЕНИ! Ни треба професионално и чесно судство, доста со сваровски судии“ и на крајот ставил едно петнаесет извичници.

Тулај Нурединова Мустафа постирала: „Браво, браво, истреби ги, сите земаат мито... луѓето заслужуваат правдина“. Нервет Дењали, пак, порачува: „Зоран Заев, сите ќе те гласаме, само сакаме правда во нашата Татковина, само напред“. Има многу коментари од граѓани Албанци со поддршка за Заев, исто како што има и многу говор на омраза, и од Македонци и од Албанци, иако, да се каже вистината, преовладуваат непријателски настроените коментари против сограѓаните Албанци. Многумина, пак, од оние што постирале свои коментари не веруваат дека може да има позитивни промени затоа што „ќе мора да избрка еден куп луѓе неистомисленици... “ – како што напишал Думе Нусев, додавајќи дека „вака работи секоја партија и не верувам дека нешто ново ќе се случи во оваа наша Македонија, и сè по старо ќе си тече како и до сега“.

Зачудува леснотијата на некои од оние што го коментирале прегледот на неделниот печат каде што насилството во Собранието е главна тема. Драган Насевски, на пример, постирал: „Во Украина и Сирија народ и народ испотепаа, па ништо. У Собрание имало немири, чудо, бре!“