Македонија се движи кон финансиска дупка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во увид во градежни активности при доизградба на канализациона мрежа во општина Ѓорче Петров.

Длабоката политичка криза веќе подолг период ги парализира сите витални институции, нанесувајќи непроценливи загуби и во економијата.

Стапката на економски раст од 3,2 проценти е невозможно да се достигне доколку политичката криза продолжи, категорични се дел од економските аналитичари, откако Меѓународниот монетарен фонд ја намали проекцијата за економскиот раст на земјава од 3,5 на 3,2 проценти.

Недефинирана власт - пустош во финансиите

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини посочува дека Македонија се наоѓа во драматична состојба и изразува загриженост дека во државата има политички елити кои владеат во крајно недефинирана состојба, а оти луѓе кои сега управуваат со јавните финансии не се транспарентни за тоа која им е целата во иднина.

„Имаме Влада под наводници, која е во крајно недефинирана состојба. Опасно е според мене дека доколку тие се убедени, а мислам дека се, дека нема да бидат долго време на власт, оти ќе остават пустош во финансите. Ниту економскиот раст да се оствари, тој што е планиран од ММФ, ниту од нас“, вели Хајредини.

Тој искажа разочараност од немањето официјални државни и легални органи по изборите и од тоа што во Парламентот во изминатиот период расправата за процедурални работи траеше бесконечно. Ако ова се има предвид, тој смета дека последиците во економијата ќе бидат невидени досега.

Буџетот не се полни според предвиденото

Според него до тешки економски последици ќе дојде и поради неуспехот да не се донесе буџетот, како што претходно бараше опозицијата, која велеше дека треба да се почека новата влада да донесе буџет, кој ќе проектира раст и развој. Сега Хајредини искажува загриженост дека Македонија чекори кон финансиска дупка. Тој ги критикува владините претставници дека на брзина го донеле буџетот со предизборни параметри кои предвидуваат растат на пензиите и на сите други средства за одделни корисници на буџетот и слоеви на населените со цел да привлечат гласови.

„Сигнали дека не одат движењата во стопанството и јавните финансии како што планирале, се гледаат од движењата во првите два месеци. Буџетските приходи не се остваруваат како што биле планирани. Буџетскиот дефицит планиран нема од кај да се покрие. Тој уште во првите месеци ќе се исцрпи и во наредните месец два три од месец во месец ќе чекориме кон една многу длабока финансиска дупка", вели Хајредини.

Кризата ќе ги изеде платите и пензиите

Поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев, анализира дека во буџетот нема прилив на пари, како што се очекуваше и предупредува дека ако се пролонгира политичката криза, нема да има пари ни за редовни исплата на плати, пензии и социјални трансфери, а најмалку за планирани инвестиции. Тој вели дека стапката за економски раст од 3,2 проценти е преоптимистична прогноза, доколку политичката криза продолжи.

„Буџетот е во голем недостиг на средства. И тековниот прилив е ослабен, според податоците во првите два месеца. Но и од претходно ние знаевме дека буџетот мора да позајми голем износ на пари од домашни и од надворешни извори. И според буџетот кој е усвоен пред нова година, финансирањето над приходите планирани што треба да ги оствари изнесуваат повеќе од 600 милиони дополнителни средства. Тие нешто имаат на сметката на Министерството за финансии, кај Народната Банка, но тоа е далеку од потребните", вели Гошев.

Според Гошев, дури и да се употребат сите 314 милиони евра што ги има државата на девизната сметка во Народната банка, нема да може да се реализира предвидениот буџет за 2017 година.

Без влада нема ново задолжување во странство

Тој посочува дека без нова Влада, без Парламент, не е можно задолжувањето во странство. Тој вели дека поради намалените средства што од тој извор може да не пристигнат, на јавните финансии им се заканува тежок удар.

„Најмалку 650 милиони им се потребни над приходите што ги планира буџетот да ги оствари. Еден дел е за дефицитот од 300 милиона, другиот дел е за главнината на отплата на кредити од околу 314 милиони евра, без каматите. Значи ни треба голема позајмица за да го закрпи буџетот, којшто тие го планираат. Ако ги нема тие пари, тоа ќе биде негативен удар врз економијата, затоа што нема да се вбризгуваат тие пари во економијата. Проценката може да биде преоптимистичка и 3,2 ако не се среди политичката состојба и новата влада не се избере за да може да имаме легитимен позајмувач кон странство. Освен тоа и ако најдат некои извори на средства, тоа ќе биде многу голема цена", вели Гошев.

Во однос на тоа дали е остварлив економски раст од 3,2 проценти, професор Зоран Ивановски од Економскиот факултет, на Универзитетот за туризам и менаџмент, е воздржан. Тој вели дека тешко е да се предвиди стапката на раст на БДП во услови кога се уште е присутна голема доза на несигурност, но дополнува дека врз мала и отворена економија, кризата влијае директно и ја профилира идната стапка на раст. Тој смета дека стапка на раст од ММФ изгледа прилично оптимистично и истакна дека треба да бидеме релативно среќни ако успееме оваа година да ја завршиме со ова стапка на раст.

„Податоците од монетарната област покажуваат намалени стапки на кредитирање на корпоративниот сектор, кој е дефинитивно основниот двигател на економскиот раст, а од друга страна пораст на задолжувањата кај секторот население, што покажува дека добар дел од населението се соочува веќе со последиците од кризата, односно со намалена ликвидност. Сето ова директно ќе влијае на планираните стапки на раст, кои во вакви услови изгледаат прилично оптимистички", изјави професор Ивановски.

Според него, нискиот раст ќе повлече последици во економијата, кои ќе се одразат и врз јавниот долг.

Пад на индустриско производство

Во меѓувреме економските параметри за движењето од почетокот на годината зборуваат за пад на индустриското производство и намалување на побарувачката за ангажирање на текстилната индустрија кај странските партнери, но според професор Ивановски сепак се уште е рано да се каже дека тоа е потврда дека реализацијата на предвидениот раст ќе оди тешко.

Во политичка ситуација како сега, стопанствениците наведуваат дека дополнително стравуваат зашто имаат проблеми со ликвидност и раскинување или пролонгирање на договори за инвестирање. Најновите податоци исто така покажуваат дека Македонија се соочува со пад на странски инвестиции.

Во глобалниот извештај на ММФ се посочува дека земјите треба да се фокусираат кон спроведување на структурни реформи, поддржување на побарувачката, зголемување на продуктивноста и надградба на јавната инфраструктура.

ММФ против протекционизмот во светот

Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми прогнозата за глобалниот раст. Тоа се должи на зголеменото производство и поголемата трговијата во Европа, Јапонија и Кина. Но, Фондот предупреди и дека протекционистичките политики и се закануваат на економското заздравување во светски рамки.

Гоце Атанасов

Меѓународниот монетарен фонд за време на заедничките средби со Светска банка во Вашингтон соопшти дека глобалната економија ќе порасне за 3,5 отсто во 2017 година, што е за малку повеќе од претходната прогноза во јануари која изнесуваше 3,4 проценти. Фондот наведува дека хронично слабо развиените економии очекуваат да имаат корист од цикличното опоравување на производството и трговијата во светот што почна во минатото лето.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ММФ против протекционизмот во светот и прогнозите за Македонија

Директорката на ММФ Кристин Лагард во Брисел изјави:

„По шест години на разочарувачки раст, светската економија добива замав како циклично заздравување кое ветува повеќе работни места, повисоки приходи поголем просперитет кој ќе оди напред.“

И додека Фондот предвидува дека Кина и Јапонија ќе бележат раст, прогнозата за Соединетите Држави е оставена иста. Американскиот раст ќе биде 2,3 проценти, иако и тоа значи раст од минатогодишните 1,6 отсто. Тоа главно се должи на очекувањата дека претседателот Доналд Трамп ќе ги намали даноците и ќе ги зголеми владините трошоци. Во прогнозата посебно не се спомнува трговската агенда на администрацијата на Трамп „Америка најпрвин“ која има за цел намалување на американскиот трговски дефицит и на увозот.

Меѓународниот монетарен фонд предупредува на слични потези и од Кина. Економскиот раст на оваа земја е под сенка на растечки пропусти на среден рок, поврзани со политиката на олеснување и инвестициите кои се финансираат преку кредити. Тоа може да поттикне остро затегнување на финансиските услови што потоа би се прелеале и во многу други земји. Ова го потврди и претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким кој рече:

„Охрабрени сме што гледаме посилни економски изгледи по години на разочарувачки глобален раст. Како и да е, се уште има многу негативни ризици. Земјите кои имаат фискален простор треба да продолжат со структурните реформи“.

Во секој случај, во прогнозата преовладува оптимизам како во ниту една претходна од финансиската криза во 2008 година.