Активностите кои одат во прилог на толеранцијата и заедништвото се неопходни во средините каде има мешан етнички состав на населението. Но, исто така, добредојдени се и проектите кои имаат за цел да и кажат стоп на дискриминацијата по сите основи. Овие оценки се изнесени на завршните активности на проектот на невладиниот сектор во Дебар наречен „Стоп за дискриминацијата“, што беше спроведен заедно од страна на учениците на деветолетките од Дебар, Струга и Вевчани, со поддршка на Француската амбасада во Скопје.
„Главна цел на овој проект е да не се дискриминира никој и да нема говор на омраза. Младите сакаме преку овие проекти да ги продолжат добрите традиции за соживот и толеранција. Дебар е добар пример за толеранција и соживот“, истакна координаторот на овој проект за Дебар, Гоце Лубиновски.
Тој вели дека Проектот во кој учествуваа ученици од Дебар, Струга и Вевчани ја постигнал целта. Во западниот регион на Република Македонија особено се битни овие проекти, велат претставниците на невладиниот сектор во Дебар. И претставниците на верските заедници во овој град истакнуваат дека е неопходно да се стопира дискриминацијата таму каде што ја има и традицијата на заедништво и толеранцијата да продолжи. Дебарскиот пример за верска и етничка толеранција треба да биде прифатен и во другите средини во нашава земја, без разлика каде некој е мнозинство или малцинство.
„Сите луѓе имаат исто потекло. Дебарската традиција на соживот да се применува и во другите градови во Република Македонија“, вели дебарскиот муфтија Рамазан Хаса.
Тој додава дека нема друг пат освен заедништвото. Новиот намесник на Дебарската парохија Миле Ангеловски истакнува верба дека и младите христијани и муслимани во Дебар ќе ги продолжат добрите традиции на почитување и соживот.
„Треба да продолжи соживотот и меѓу младите христијани и муслимани, онака како што бил порано и сега. На овие простори секогаш се живеело добро и немало проблеми“, додава отец Ангеловски.
Инаку во Дебар е општа пораката на населението дека политичките лидери во земјава треба особено внимание да посветуваат на мирот и сожителството и почитувањето на традициите за толеранција и соживот. Но исто така и да спроведуваат проекти против дискриминацијата.