„Собитија“ на Франговски постхумно во Музеј на град Скопје

„Собитија“ - постхумнa изложба на Франговски

„Собитија“ е насловена првата постхумна изложба на современиот македонски сликар Нове Франговски, што во периодот од 25 април до 16 мај, ќе се одржи во Музеј на град Скопје. Станува збор за претставување на неговиот најнов циклус кој претставува „своевиден творечки рекапитулар по долгата авторска и животна патека, создаден како амалгам на сите научени и стекнати визуелни сензации и доживувања“.

Повеќе од 110 дела работени во изминатава декада ја чинат првата постхумна изложба „Собитија“ на академскиот сликар Нове Франговски, што во периодот од 25 април до 16 мај, ќе се одржи во Музеј на град Скопје. Со презентирањето на оваа постановка (инаку подготвувана во изминативе две години од самиот автор), како што вели неговата ќерка и кураторка Ана Франговска, „се опфаќа еден специфичен дискурс од развојот на творештвото на овој значаен македонски современ уметник, а тоа е неговиот најнов циклус дела, по кои тој досега не и е познат на пошироката јавност“.

„Последниот творечки опус на мојот татко е своевиден творечки рекапитулар на долгата животна и авторска патека, создаден како некаков амалгам на сите негови стекнати и научени визуелни сензации и доживувања. Тоа е филозофијата на „себе-преиспитување“, „себе-докажување“, прашања за сопственото јас, судирот со егото, ракурсите на „животот“ и „неговиот крај“ со кој за жал се соочи, аспектите на постигнатото и достигнатото. Сите патеки нагоре и надолу, издигнувањата и падовите, задоволствата и разочарувањата се само дел од семантиката на тој „чист ум“, кој сега веќе од одредена дистанца, со богато животно искуство, се обиде да оствари надвремена комуникација со трансцеденталното, севишното, натприродното, ирационалното, божественото“, вели Франговска.

Mакедонскиот сликар Нове Франговски

Таа појаснува дека „Собитија“ ја чинат два дела. Во првиот се минијатурите, кои се директно произлезени од последната негова апстрактно-експресионистичка фаза, со таа разлика што малите димензии на медиумот врз кој се интервенира го ограничуваат просторот за експонирање и акција, кој е клучен и затоа е предаден преку своевидна игра на телото и „битка“ со белото платно, т.е. „влегување“ во него. Од друга страна, пак, како што вели таа, минијатурите се многу „понеобврзувачки“ и Франговски во нив пристапува со поголема слобода и без предрасуди и претензии, па оттука тие „се многу подинамични, игриви и трепетливи“. Во нив нема пресметливост и калкулирање, туку тие од своевидно кроки прераснуваат во слика сама по себе.

Во вториот дел, како што ќе биде забележано во богатиот каталог за изложбата, „Франговски веќе прави еден пресврт во творечкиот вокабулар, и во него се случува одредено навраќање на фигурата (сè уште предадена со апстрактен јазик), навраќање на човекот, на антропоморфноста - толку својствена за неговите први фази во уметноста и стил по кој оставил свој единствен печат во тогашната југословенска ликовна сцена (70-ти и 80-ти години на минатиот век)“. Овие полни „крокија“ на апстрактни фигури се предадени во одредена акција, во движење, во игра, во танц/оро. Најчесто станува збор за полиптиси (повеќе платна споени за да формираат дело со големи димензии), на кои се предадени групации на фигури кои ритмично и мантрично го освојуваат белото платно, режејќи го со своите движења „полниот“ бел простор.

Роден 1939 година во Галичник, Нове Франговски основно и средно образование (отсек скулптура) завршил во Скопје. Во 1966 година дипломирал на Уметничката академија во Белград (отсек сликарство), а седум години подоцна ја започнал специјализацијата наАкадемијата за ликовни уметности во Рим - Италија. Во периодот Од 1968 до 2012 година реализирал над 25 самостојни изложби и бил учесник во над 120 групни постановки, а за своето творештво добитник е на повеќе награди и признанија во земјава и во странство. Посебно за издвојување од нив се: Наградата за сликарство на изложбата „25 години од АСНОМ" во 1969 година; „Нерешки мајстори“ во 1982, „Никола Мартиновски“ една година подоцна и други.

Франговски почина на 25 март годинава, а за неговиот опус специфично е тоа што е разновиден и расчленет на многу нивоа. Од таму сосема разбирливо е што има многу дела, не само од последниот туку и од патеписите и циклусите работени во меѓувреме (посебно големи платна), кои домашната ликовна јавност сè уште немала можност да ги види.

„Како што вели онаа латинска поговорка Ars longa, Vita brevis или „Уметноста е долга, а животот краток“, имаме среќа што зад нас имаме таков творечки опус кој ќе продолжи да живее и сигурна сум дека Нове Франговски, како уметник и како човек, ќе продолжи да живее во нашите сеќавања и ќе биде дел од историјата на македонското современо сликарство и уметност“, смета Ана Франговска.

Од друга страна, познат по своите организациски способности Нове Франговски во 1990 година ја основа Галичката ликовна колонија, која има меѓународен карактер и на неа во изминативе 27 години учествувале над 250 познати македонски и странски уметници. Делата создадени на колонијата се претставени на 13 биенални изложби, а Ана сега знае да каже дека тоа нејзе е оставено како аманет за иднината.

„По последните две изданија на Галичка колонија, кои поради кревкото здравје на татко ми речиси сама ги изработив, тој беше свесен дека ќе можам и самата да се носам со таквата одговорност во организацијата на манифестацијата. Затоа Колонијата, како амбасадор на македонската култура и уметност и нешто за што се зборува надалеку, ќе продолжи со негувањето на зачнатата традиција и заложбата да носи светски уметници на наше тло и подготовките за претстојното случување од овој тип, во август годинава, се веќе во тек“, вели таа.