Буџаку – Спремни сме и за нов бегалски бран

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Буџаку – Спремни сме и за нов бегалски бран

Ние сме декларирани како транзитна земја, ние не примаме бегалци како Германија или Шведска, затоа што на крајот на краиштата нивна цел е да стигнат до Германија. Сепак, спремни сме и да има нов бегалски бран, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Буџаку, изминатиов период бевме сведоци на неколку поголеми пожари низ Македонија, иако температурите не беа многу високи. Со оглед на тоа што допрва доаѓа летото, се зголемува опасноста од појава на нови пожари. Дали Центарот за управување со кризи има капацитет да се соочи со такви предизвици?

Како ЦУК имаме одредена значајна улога во системот на превенција и рано предупредување. Што се однесува до пожарите, тие или се предизвикани од човечкиот фактор или од природни непогоди. Во овој случај се работи за еден период во кој имавме сушен период или сува трева, а луѓето кај нас, традиционално ова време, при подготовките за нови насади, а имајќи ја предвид нашата ниска свест, се палат посевите од минатата година и тоа предизвикува пожари. Нашиот систем, на Центарот за управување со кризи, е да ги спречи, да ги предупреди сите значајни актери во ова. За ова имавме голема помош од системот, кој е веб базиран, во кој имаат пристап и граѓаните коишто ги лоцираат сите места каде што може да дојде до пожар и моменталните услови што се однесува до климата, количината на врнежи итн, што влијае на опасноста од самите пожари и опасноста од избивање пожари. Тој систем кај нас е воспоставен од 2011 до 2014 година, со поддршка на Јапонската агенција за меѓународна помош. Ние неодамна имавме и работилница со земјите од регионот, каде што на колегите од неколку земји од регионот им ги пренесовме нашите знаења. Мислам дека што се однесува до нашето системско уредување, сме отишле напред, само треба повеќе да работиме и тука ги повикувам и медиумите и за подигнување на свеста на граѓаните, особено сега, кога сме на прагот на летото, кога секоја година неминовно имаме пожари.

Каква е координацијата со другите институции кога се случуваат такви природни непогоди? Ве прашувам и за соработка со владата и за соработка со локалната самоуправа, која е особено важна кога ќе се случат таквите пожари. Очекувате ли да се јават некакви проблеми со оглед на тоа што одложувањето на локалните избори е извесно, па со тоа и мандатот на градоначалниците веројатно ќе истече. Дали очекувате тука да има некакви проблеми во однос на заедничката соработка?

Ние имаме мандат, според закон, да координираме со сите активности и со сите институции на системот, таканаречен Систем за управување со кризи со цел заштита на здравјето, имотот и добробитта на граѓаните. Јас при крај на октомври минатата година повторно станав директор на Центарот и бев прилично разочаран од еволуцијата на центарот, кој јас сметам дека е многу значајно тело, кое ги координира сите актери на централно и на локално ниво за справување со кризи и заштита на здравјето и добробитта на граѓаните. Верувале или не, кога во 2005 година бев директор, буџетот беше 170 милиони денари, а сега е 140 милиони денари. Тоа, со инфлацијата, е половина буџет, а 90 отсто од тоа оди на плати. Ние практично имаме многу важна задача, но системот или владата во овие години не финансираат доволно. Што се однесува до локалните власти, веќе имаме воспоставено такви односи во овие 12 години, какви што треба да имаме. Јас давам пример со Белгија, каде што година и половина немаше влада, а се функционираше, зашто тоа е правна држава, додека тука за жал се зависи од политиката и сите очи се вперени во политичарите. Сепак оваа институција функционира и јас се обидов што помалку да има влијание на министрите, на владата во нешто што е наша надлежност, затоа што секој дуализам само ја комплицира ситуацијата, а во ваква институција тоа е многу опасна работа и може само да ја усложни ситуацијата во случај на елементарна непогода.

Господине Буџаку, Европа стравува од нов бегалско-мигрантски бран. Тоа подразбира дека и Македонија повторно ќе биде вовлечена, тука се јавуваат стравувања дека и ние повторно ќе се соочиме со таков бран. Дали овој пат, со оглед на искуството што го имавме претходно, сме поподготвени да одговориме на еден таков предизвик?

Ние имаме координација, како што реков, главниот штаб со Табановце и Гевгелија, со транзитните кампови. Ние сме декларирани како транзитна земја, ние не примаме бегалци како Германија или Шведска, затоа што на крајот на краиштата нивна цел е да стигнат до Германија, но во овој случај, проблемите што може да настанат, може да настанат од наплив на голем број луѓе, може да се смета и како безбедносен проблем здравствен систем, луѓе може да се разболат, имаат друг имунолошки систем, може за жал да се инфилтрираат, и таа опасност ја имаме предвид, разни терористи или организации. Така што, ние сме спремни и со помош на меѓународната заедница, пред сè ОН, УНДП, УНХЦР и со големо залагање, што е за секоја пофалба, од невладините организации што се присутни и им помагаат на бегалците. Ние се справивме, се справуваме и се надевам дека и во иднина ќе се справиме и во случај на помасовен егзодус на бегалците.

Целото интервју со директорот на ЦУК, Агрон Буџаку, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.