Достапни линкови

Нема мигранти – нема плата во Железници


Архивска фотографија: Во екот на мигрантската криза Македонски железници превезуваа по неколку илјади мигранти дневно од Гевгелија до Табановце
Архивска фотографија: Во екот на мигрантската криза Македонски железници превезуваа по неколку илјади мигранти дневно од Гевгелија до Табановце

Вработените во Македонски железници четири години имаат проблем со платите. Се жалат дека само во екот на мигрантската криза, кога секојдневно превезуваа мигранти од јужната до северната граница, редовно ги добивале платите.

Неисплатените две плати и лошите услови за работа се главните причини за петдневниот прекин на македонскиот товарен и патнички железнички сообраќај, велат вработените во јавните железнички претпријатија. Вработените во двете јавни претпријатија „Македонски железници - Транспорт“ и „Македонски железнички - инфраструктура“ протестираат и одбиваат да работат додека не им се исполнат барањата. Тие бараат да им се исплати половина декемвриска и цела јануарска плата, нагласувајќи дека возовите нема да сообраќаат на ниту една железничка линија во земјава.

Вработените во Македонски железници - Транспорт велат дека нивни претставници се повикани на разговор во Владата за да се изнајде механизам за исполнување на нивните барања.

Ѓоко Илиевски, кој со години работи во Македонски железници – Транспорт, вели дека ова е не прв пат да протестираат поради неисплатена плата.

„Проблемот со платите е веќе четири години. Со мигрантската криза се дојде до некое решение, израмнивме плата со плата. Но, со кризата од 2016, исто мигрантска, што настана од грчка страна, четири месеци не се работеше, мислам се работеше, но немаше доволно превоз, па ЕУ односно соседната држава Грција ни ја надомести штетата. Но, за жал ние сме 5 милиони евра во минус, барем така ни кажуваат. Сè додека некој не ни даде финансиска инекција ние нема да може да функционираме како јавно претпријатие“, вели Илиевски.

Марјан Ристески од Независниот синдикат на Македонски железници – инфраструктура вели дека нивните колеги од другото железничко претпријатие, Македонски железници – Tранспорт, добиле дел од декемвриската плата.

„Значи бојкотот продолжува. Имавме посета, ненадејна за нас, од инспектори и директори од Агенцијата за железнички сообраќај. Тие ни доставија записник, каде што налагаат да се вози минимум железнички сообраќај. Вработените исто така бараат минимум услови за живот, да се достави платата. Но, платата сè уште ја нема“, вели Ристески.

Илевски објаснува дека неисплатената плата не е единствен проблем и дека со години работат во лоши услови.

„Немаме вода, немаме санитарен чвор, нема купатила. Ние на пример работиме на влечни средства, нормално изложени сме на прашина, масло и ред други работи, а за да бидеме пристојни кога си одиме дома ни треба топла вода“, додава тој.

Во писменото соопштение од Македонски железници - Транспорт е наведено дека пред почетокот на викендот на вработените ќе им биде исплатен вториот дел од платата за декември 2016, а до крајот на месецов и платата за јануари 2017 година.

„Заради огромните проблеми со кои се соочи целокупниот железнички систем во минатата 2016 година, кога поради блокадите на железничката пруга кај нашиот јужен сосед, Македонски железници - Транспорт АД Скопје претрпе директна загуба од 5 милиони евра, на што доколку се додаде и вратените долгови во износ од 15 милиони евра и исплатените заостанати 4,5 плати, во почетокот на оваа година повторно се соочува со одредени финансиски предизвици,“ соопшти МЖ Транспорт.

Од таму најавија дека во тек на неделава во соработка со Владата треба да се финализира решението за подолгорочно решавање на состојбите во железниците во Македонија.

Според буџетот за 2017 година, Министерството за транспорт и врски планира да инвестира речиси 10 милиони евра во железничка инфраструктура. Од нив 6 милиони евра се предвидени за субвенција за претпријатијата, а 4 милиони евра ќе бидат наменети за капитални инвестиции. Овие пари, односно 9,5 милиони евра планирани за овие ставки, државата ќе ги обезбеди од заеми, е наведено во буџетот за 2017 година. Според Министерството за транспорт и врски, во тек е изградба на пруга од Куманово до Бељаковце, која чини 40 милиони евра. Дополнително во тек е ремонт на делницата Ногаевци – Неготино, која чини 9,4 милиони евра.

„Набавени се 150 вагони за товарен превоз и шест патнички гарнитури, а се очекува да пристигнат уште три нови локомотиви со што само по овој основ инвестициите ќе надминат 30 милиони евра“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Дополнително, вработените во железничките претпријатија велат дека со новите возови патниците добиле климатизирани вагони и удобни седишта, но не и побрз транспорт, затоа што по старите пруги не може да се развие поголема брзина од максималните 100 километри на час.

Бројот на патници на железничкиот сообраќај во изминативе години опаѓа. Според податоците од Државниот завод за статистика, бројот на патници во 2015 година во однос на 2008 година е намален за една третина. Пад бележи и товарниот железнички сообраќај кој од 2008 до 2015 е намален за над два и пол пати. Само во 2015, во однос на 2014, намалувањето на железничкиот товарен превоз изнесува речиси 35 проценти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG