Неделен печат – Апсење „пучисти“ и Голема Албанија

Архивска фотографија: Лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов

Неделникот Фокус, повикувајќи се на свои армиски извори, објави дека претседателот Ѓорге Иванов планира од резерватот Јасен да командува со апсењето „пучисти“. Република, пак, смета дека сонот за Голема Албанија станува реалност.

Фокус – Иванов од Јасен ќе командува со апсењето „пучисти“

Како ексклузивна, уште на насловната страница, Фокус ја најавува информацијата добиена од високи извори во АРМ, дека Иванов од шумскиот резерват „Јасен“ на планината Караџица, во близина на Скопје, ќе командува со апсење „пучисти“! Фокус, имено, дознава дека пред Велигден била организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на воено-инфра-структурните објекти во шумскиот резерват во мисија на подготовка на објектите за сместување на Груевски, Иванов и нивните семејства за време на евентуална воена состојба. Фокус додава дека воениот штаб и засолништето во „Јасен“ треба да му послужат на претседателот за командување со операцијата на апсење на наводните „пучисти“ откако СДСМ и партиите на Албанците ќе избереле собраниски спикер и влада. Се разбира – продолжува авторот на анализата, „дури сега на сите им е јасно дека Иванов бил тука за да се реализира планот –спречување мирен трансфер на власта. А денес, на општа констернација, тука е за да го спроведе и последното крваво сценарио за спас на режимот“, објавува Фокус.

Глобус - Дното на газерот

„Дното на газерот“ е насловена една од колумните во Глобус, во која авторката поставува 20-ина прашања до учесниците во протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, за, како што вели, „барем малку да внесе провев и свеж воздух во општата анестезија која се обидуваат да ја наметнат во врска со Заев и Платформата“. Па реди: „Дали Заев и неговата партија беа на власт изминатите 11 години и дали тие располагаа со народните пари – годишен буџет од 3 милијарди евра? Дали Заев купи службен мерцедес од 600 илјади евра државни пари? Дали Заев и неговата партија спискаа еден куп народни пари за Скопје 2014? Дали Заев лажираше избори? Дали партиите на етничките Албанци во Македонија беа на власт, или дел од власта во изминатите 11 години? Дали нивната платформа е дел од нивните политички програми? Дали Заев и неговата партија во 2008 ги донесоа измените во Законот за јазиците? Дали Заев и неговите го признаа Косово? Ги амнестираа хашките случаи за припадниците на ОНА и дали им ги укинаа пензиите на бранителите? Доколку некој се осмели да одговори на овие прашања и малку подразмисли за тоа што, каде и од кого брани и доколку по сето тоа излезе на демонстрациите „За заедничка Македонија“, тогаш ниту газерот има дно, ниту дното има газер. Има само дно на сите дна“ – смета Глобус.

Република - Сонот за Голема Албанија станува реалност

Република во уводникот пишува дека Заев ги разбудил духовите од минатото и дека „Сонот за Голема Албанија станува реалност“. За да наведе дека „Педесет дена мирни и масовни протести против тиранската платформа не беа доволни да го одвратат квислингот Зоран Заев од намерата да ја трампа државата за власт.“ Република ги смета за многу опасни и непромислени пораките на, како што пишува, соросовите платеници, кои последните денови интензивно го храбреле Заев да преземе иницијатива за формирање влада надвор од собраниските процедури. И повторува дека само нови избори се најдобриот и најдемократски начин за излез од кризата. Па предупредува дека е добро некој да го отрезнел Заев зашто, „секој што има намера да дејствува насилно врз Уставот и законите ќе се соочи со институциите“.