Кумановскиот крај се бори за место на туристичката мапа

Туристички комплекс „Етно село“ во Куманово.

Мегалитската опсерваторија Кокино, Меморијалниот центар АСНОМ, спомен костурницата Зебрњак, потоа локалитетот Визианус, туристички комплекси со ресторани, цркви, манастири, диви бањи... Куманово има што да им понуди на туристите, но потребна е стратегија за привлекување на посетители.

Куманово не може да се пофали со развиена туристичка инфраструктура особено со соодветни рецептивни мерки за странските туристи, вели Дејан Ѓоргиевски в.д. директор на кумановскиот Музеј.

„Меѓутоа можам да ги издвојам објектите, црквата „Свети Никола“ во центарот на градот, каде што има галерија на икони која што е многу интересна. Потоа, во околината на селото Старо Нагоричане и истоимената општина, црквата „Свети Ѓорѓи“, а веројатно најпосетен локалитет е Мегалитската опсерваторија Кокино, во комбинација со Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и ресторанот, ако станува збор за српски туристи или за таканаречениот воен туризам го посетуваат и Зебрњак, спомен костурницата“, вели Ѓоргиевски.

Археолошкиот локалитет Црквиште-Визианус се уште не е до крај завршен со конзервирање за да може да биде туристичка локација, иако се наоѓа на погодна позиција, во близина на магистрален пат Куманово –Крива Паланка, до него е асфалтен пат, а е помеѓу два прилично посетувани ресторани „Визиана“ и „Етно село“, каде што има и сместувачки капацитет.

„Верувам дека ова место ќе понуди многу за туристички цели. Но, првин треба да се направи проект за негова конзервација, а потоа доволно ќе биде само гостите кои ги посетуваат рестораните да бидат анимирани да го посетуваат.“

Што се однесува до посетеноста на опсерваторијата Кокино, Ѓорѓиевски вели дека до сега бројката е помеѓу три и четири илјади посетители годишно, според воведениот систем на уплати преку туристичките агенции, иако има и одделни неорганизирани посети. Овој локалитет се уште не е ограден за потоа да се постави билетарница, како посетителите би биле посоодветно запознаени, а кои без водич и без претходни подготовки освен карпи не би знаеле што да видат.

„До пред некое време многу повеќе не контактираа нас како Музеј, но ние не можевме секогаш да излеземе во пресрет поради наши тековни обврски. Затоа со бесплатна обука сега има околу 50 туристички водичи во Македонија кои може да бидат контактирани. Голем придонес за Кокино е што е направена аудио апликација која може да се активира на „паметен“ телефон (кокино.мк) и на самото место, иако најдобро е во непосреден контакт со водичот“, вели Ѓорѓиевски.

Туристичко-угостителскиот комплекс „Етно село“ кој повеќе од една деценија како туристичка атракција е маркиран на мапата на Општината Старо Нагоричане, според Синиша Станоевски ги има споено традицијата и модерното.

„Располагаме со еден прекрасен комплекс во близина на реката, ресторан со летна бавча и затворен. Располагаме со сместувачки капацитет од 35 соби за 85 лица. Имаме забавен парк за деца, мини зоолошка градина за гостите кои сакаат да се релаксираат, спортски терени, две конференциски сали во кои се одржуваат разни семинари. Исто така имаме и сувенирница со забавни и свечени сувенири. Бидејќи сме како погранично место имаме посетители и од соседните Бугарија и Србија.“

На територијата на Општината Старо Нагоричане се наоѓаат повеќе цркви, Костоперска карпа, Манастирот Забел, дивата бања Стрновац во која има посетители во текот на целата година иако е на отворено. И покрај тоа Кумановскиот и Козјачко-пчињскиот регион се уште се далеку од развиен туризам и целосно искористување на туристичкиот потенцијал.