Теута Хоџа Имери со „Мапата на љубовта“ во Њујорк

Дванаесет графики од циклусот „Мапата на љубовта“ на Теута Хоџа Имери, од 14 април ќе бидат изложени во Македонскиот културен центар во Њујорк. Станува збор за проект кој е дел од годишната програма на Националната галерија на Македонија, во кој уметницата претставува авторефлексивна, автореферентна слика на жена-мајка, жена-сопруга и жена-творец и се обидува да го актуелизира и прашањето за сопствениот идентитет во длабоко втемелената општествена хиерархија.

Уметноста на Теута Хоџа Имери без сомнение претставува лирска експресија на интимно доживеаното искуство. Секоја графика поединечно претставува тивка софистирана визуелна ламентација, која низ нејзините хронолошки емотивни состојби се прелева и прогресира од една графика во друга. Автобиографското писмо на Теута претставува визуелно преведување на нејзиниот личен став низ различните животни мени...

Ова се само неколку реченици кои ќе се најдат во инспиративниот текст на Љупчо Маленков, виш кустос во Националната галерија на Македонија, посветени на творештвото на уметницата Теута Хоџа Имери и публикувани во каталогот за нејзината постановка „Мапата на љубовта“. А, со 12 графики од неа, таа од средината на овој месец ќе се обиде да го предизвика вниманието на американската ликовна публика чие сврталиште е и галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк. Се работи за проект кој е дел од годишната програма на Националната галерија на Македонија, во рамките на меѓународната соработка подржана од Министерството за култура на Република Македонија, во кој уметницата, како што ќе забележат проследувачите, „претставува авторефлексивна, автореферентна слика на жена-мајка, жена-сопруга и жена-творец и се обидува да го актуелизира и прашањето за сопствениот идентитет во длабоко втемелената општествена хиерархија“.

Говорејќи за себе и за сопствената уметност, Теута Хоџа Имери знае да каже дека во фокусот на нејзиниот творечки немир е жената. Дека често си ги поставува прашањата: Што е жената? Која е нејзината улога во срединава која милува да се расфрла со етикети? Колку општеството треба да ги цени нејзините напори?...и така со ред. Вели дека целото нејзино творештво е крик, бунт против востановените традиционални догми на просторот на кој ние живееме. Дека, освен малите деца којшто се чисти во душата, овде никој воопшто и не знае да ја цени улогата на жената, посебно на мајката.

„Еден маж може да биде земјоделец, работник, може да биде и политичар, да оди во војна и што уште не, но жената може да ги направи сите тие работи и згора на тоа уште една повеќе. Поголем воин во животот е жената. Таа уште во утробата создава живот. Го храни детето. Потем го раѓа, го воспитува и му ги пренесува сите свои знаења и вештини. Таа дефинитивно е најголемиот борец во општеството“, вели Теута.

Дополнува дека тоа и во иднина ќе биде поентата на нејзиниот творечки израз.

„Сакам да се борам за правата на жената токму на тој начин. Со мојата уметност, со моите алатки. Со четките, со боите, со`...Само на тој начин можам да го изразам сопственото неадоволство во однос на третманот на жената на оввие наши простори. И самата како девојче, како жена, како мајка сум била бунтовник и ...токму на тој начин со творештво, со делата што ги создавам сакам да го артикулирам сопственото поведение, она што ме води низ животот“, појаснува Хоџа Имери.

Родена 1986 година во Струга, Теута Хоџа Имери дипломирала графика и графички дизајн на

Факултетот за ликовни уметности на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Зад себе има шест самостојни изложби во градовите од земјава и во соседна Бугарија и САД, а била учесник на групни постановки и колонии во Швајцарија и во Полска, каде на два пати учествувала на Биеналето на графика и била победник во категоријата минијатура.

Нејзината изложба „Мапата на љубовта“ премиерно беше претставена во 2014 година во КИЦ во Скопје, а по три години со дела од истиот циклус таа заминува и во Македонскиот центар во Њујорк.

Прашана, пак, кога домашната културна јавност ќе биде почестена со нејзините нови творби Теута Хоџа Имери истакнува дека, како и секој уметник, ги чека своите пет минути. Дека тие дефинитивно доаѓаат во годината што следува, но дека нималку не сака да ветува кога и како сето тоа ќе се случува.