Најави за подвижна библиотека во кумановските села

Библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово

Во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ посочуваат дека се работи на тоа наскоро да профункционира и подвижна библиотека, што значи дека еднаш неделно во одредено место во руралните подрачја со возило ќе се носат разновидни книги.

Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ постојано го зголемува фондот на книги од домашни и странски автори, од сите жанрови и стручна литература, а наскоро ќе профункционира и мобилна библиотека за читателите во руралните подрачја, вели директорот Марјан Петковски.

„Во 2016 година бројот на корисниците е зголемен за 15 отсто, а бројот на читателите за 231 член, што е добар показател дека библиотеката се движи во позитивна насока“, вели тој.

Според Петковски, најголем број од членовите се основци и средношколци, според бараните книги кои им се за лектира.

„Не ги исклучувам и другите корисници, а најмалку читаат пензионерите“, вели тој.

Библиотечниот фонд е со околу 150 илјади библиотечни единици со кои за сега се задоволуваат потребите на барателите на книги. Во библиотеката во Куманово има книги освен на македонски и на јазиците на етничките заедници, како и на странски јазици. Дефицитот, според Петковски, се појавува кога во исто време во училиштата се обработува иста лектира, а корисници на книгите се и ученици од соседните општини Старо Нагоричане и Липково.

„Секако ние секоја година правиме по три набавки за обновување на книжниот фонд на лектирни изданија. Две набавки се за белетристика, а една за набавка на книжни изданија за да ги задоволуваме потребите на нашите корисници“, вели тој.

Во библиотеката се поместени и две читални, едната е компјутерски опремена.

„Кога се испитните рокови, а бројот на студентите кои имаат потреба од читална е поголем, тогаш во електронската читална со местење маси и столови им овозможуваме соодветен простор“, вели Петковски.

Тој посочува дека се работи на тоа наскоро да профункционира и подвижна библиотека, што значи дека еднаш неделно во одредено место со возило ќе се носат разновидни книги, за граѓаните од руралните подрачја да не мораат да доаѓаат во Куманово и да се изложуваат на трошоци.

Меѓутоа, Петковски додава дека има и несовесни читатели кои не само што не го запазуваат одредениот рок од 15 дена, со толеранција до еден месец, тие книгите не ги враќаат. Се оглушуваат и на опомени и телефонски потсетувања, а некои и никогаш не ги враќаат книгите. Засега нема правен лек за таквите корисници со оглед на ниската парична вредност на книгите, но се осиромашува библиотечниот фонд.

Студентката која ја затекнавме во библиотеката вели дека ја користи читалната и многу е задоволна.

„Читам она што е во врска со факултетот. Условите во читалната се максимални и многу сум задоволна“, вели таа.

А повозрасна читателка, пак, вели дека чита редовно.

„Читам романи. Независно какви се“, вели таа.