Нападот бил извршен од воени бродови во Средоземно Море, а главна цел била базата Шајрат. Врз неа биле истрелани околу 60 ракети.
Се смета дека токму од таа база бил извршен хемискиот напад на 4 април кога загинале 86 луѓе.
Тоа е прв директен американски напад врз цели на сириската влада во шестгодишната граѓанска војна во таа земја.
Тоа исто така е и најконсеквентна воена наредба на претседателот Доналд Трамп од доаѓањето во Белата куќа.
Трамп во краткото телевизиско обраќање до нацијата изјави дека бил предизвикан од фотографиите на убиените сириски деца.
„Сирискиот диктатор Башар ал-Асад изведе ужасен хемиски напад врз невини цивили. Користејќи нервен гас, Асад задуши животи на беспомошни мажи, жени и деца“, рече тој.
Наведувајќи дека наредил напади врз цели во Сирија, Трамп додаде:
„Од витален национален интерес за Соединетите Држави е да спречат и да одвратат ширење и употреба на смртоносно хемиско оружје“, рече американскиот претседател.
Трамп ги повика, како што рече цивилизираните земји да им се придружат на САД во барањето крај на крвопролевањето во Сирија.
Непосредно пред американскиот напад, заменик амбасадорот на Русија во Обединетите нации Владимир Сафронков го предупреди Вашингтон да не презема таков чекор, додавајќи дека ќе ги сноси сите негативни последици од тоа.
Запрашан за тоа кои се тие негативни последици тој рече: „Погледнете го Ирак, погледнете ја Либија“.
Пентагон соопшти дека Москва била однапред запозната дека ќе бидат изведени американските напади со цел да се спречат последици врз руските сили во Сирија.
Овој потег претставува драматично вртење за Трамп кој за време на изборната кампања најавуваше повлекување на САД од конфликтите на Блискиот Исток.
Воздушните напади добија силна поддршка од лидерите на двете партии во американскиот Конгрес.
„Клучно е Асад да знае дека веќе нема неказнено да минува за неговите страшни злосторства врз сопствениот народ“, изјави шефот на сенатскиот Комитет за надворешни односи Боб Коркер.
Слична е и оценката на лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер.