Ивковиќ - „Лица без маски“ и натаму ќе создава поинакви светови

Претстава со четири актери, неколку свињи

Со „Претстава со четири актери, неколку свињи...“ на косовската режисерка Блерта Незирај, в сабота, на 8 април, ќе започне 10-то јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал на независната продукција „Лица без маски“. Манифестацијата овој пат ќе се одвива под мотото „Остави трага!“ и, како што вели еден од нејзините основачи – режисер и селектор Игор Ивковиќ, се бави со „орвелијанскиот свет“ и општествените премрежја.

Програмата на 10-то јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал на независната продукција „Лица без маски“, како што знае да каже Игор Ивковиќ, еден од основачите и придвижниците на манифестацијата, е подготвувана во амбиент во којшто човекот во глобалното општествено живеење наидува на силна бирократизација и бројни политички и социјални премрежја. Од таму, тој смета дека таа не само што кореспондира со мотото „Остави трага!“, туку и со актуелниот миг во кој живееме.

Истакнува дека отворањето на Фестивалот ќе биде со една остра политичка сатира насловена како „Претстава со четири актери, неколку свињи... и така натаму“ на тандемот - Блерта Незирај како режисерка и нејзиниот брат, истакнатиот косовски писател и драматург Јетон Незирај. Тие во изминатата година со неа освоија бројни награди на некои од престижните европски театарски фестивали и го свртеа вниманието на интернационалната публика.

„На исклучително духовит начин, преполн со сатирични досетки на прагот од кафкијанската безнадежност, четири месари се обидуваат да исполнат многу од правилата на ЕУ, со цел Косово да влезе во големото европско семејство. Претставата го третира и иронизира прашањето за бирократизираната Европа, конфузниот свет на правилата и прописите, во стилот на Орвелијанското промислување на светот“, вели тој.

Селекторот смета дека ова е само една од многуте претстави на „Лица без маски 2017“ коишто се критика на сите оние мигови кои нас луѓето не тангираат. Дополнува дека на самата линија на „кафкијанството“, на „орвелизмот“ е и претставата „Фармата“ работена според култниот роман на Џорџ Орвел, во изведба на италијанскиот театар „Софиа Амендолеа“. Тука се и, како што вели Ивковиќ, гостите од Русија, „32. Физички театар“ од Таганрок , кои годинава доаѓаат по втор пат во Скопје ѝ ќе настапат со „Ноќта на огнот“, бугарската монодрама „Сè на масата“ работена според делата на Чарлс Буковски а во режија на Ана Батева, дела кои конечно третираат горливи актуелно-општествени теми на едно пошироко, глобално ниво.

Притоа за него особено е значајно што покрај ваквата интернационална програма биле во состојба да со чинат силна понуда на дела од македонската независна продукција која кореспондира со начелата на независниот и алтернативен театар. Ова подразбира дека публиката на јубилејното 10-то издание на „Лица без маски“ ќе има можност уште еднаш да ги погледне бескомпромисната „Да ми го поздравиш и бациш“ на Билјана Радиноска во продукција на независниот театар „Артопиа“, „Скршена стомна“ на Софија Ристевска и „Интимен театар“ од Битола и комедијата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме...“ на Ѓорѓи Ризески, зад која стои „Крик“ театар од Скопје.

„Тоа се претстави кои несомнено ќе остават значајна трага и можеби ќе ја разбудат нашата фестивалска публика. Не се сомневам дека тие сами по себе провоцираат бројни отворени прашања“, потенцира режисерот.

Фрлајќи поглед врз изминатата декада на „Лица без маски“, Ивковиќ истакнува дека е исклучително тешко да се работи во средина во која катадневно сме бомбардирани и окупирани со разно-разни проблеми кои ја загрозуваат индивидуалната опстојба. Затоа вели дека тие како организатори на Фестивалот сметаат оти изминатиот период е само еден вид можеби убав почеток на една приказна која дефинитивно си имала и ќе има своја општествено-културна мисија. Нешто што ним особено им значи – да не е свртуваат кон себе и кон сопствената индивидуа туку колективно да размислуваат за значајни промени со кои ќе го подобрат нашиот живот.

„Претставите во изминатите години се водеа од идејата дека создаваме нови, поинакви светови коишто се можни и реални колку и да се тие само театарски, сценски визии. Годинава со критичноста на актуелниот миг затоа што е политички, а политичкиот миг луѓето секаде го живеат независно дали станува збор за Косово, Русија, Турција, САД, Македонија, сите се соочуваме со еден ист концепт на живеење. Сметаме дека ова можеби е само почеток од кој до наредните јубилејни изданија би требало како мисија да направиме промени во перцепцијата на убавото, перцепцијата на колективното, што значи индивидуалното а што колективното, несебичноста, подадената рака“, вели Ивковиќ.

Тој е убеден дека публиката, особено помладата тоа го поима и дека во „Лица без маски“ гледа еден фестивал кој во иднина ќе донесе уште поголеми промени. Не само во театарското, туку и во општественото и социолошкото битисување што ним како на заговорници на идејата за прогрес особено им значи.