Политичката криза значително го забави економскиот раст

Светска банка го презентира редовниот полугодишен извештај за земјите од Западен Балкан

Светската банка очекува растот оваа година да биде 2,8 отсто, но под услов да се реши политичката криза. Ова би бил најмал раст во регионот. Македонија троши многу пари на пензии и на субвенционирани вработувања, а треба да вложува во одбразование.

Економскиот раст во Македонија значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, покажуваат податоците од најновиот извештај на Светската банка за одржување на растот на Западен Балкан. Очекувањата на светската економска организација се дека растот оваа година ќе изнесува 2,8 проценти, но под претпоставка дека политичката криза ќе добие разрешница. Овој економски раст што го предвидува Светска банка е најмал од земјите од регионот. Елен Голдстин, регионален директор на Светската банка за Западен Балкан, изјави дека на земјата и се потребни структурни реформи. Во поглед на фискалниот сектор, таа укажа дека фискалниот дефицит се намалил, но оти тоа е главно поради намалувањето на капиталните инвестиции. На сметка на тоа има зголемување на тековните трошења, особено трошењата за пензии кои достигнуваат скоро 30 проценти од вкупните трошења на владата.

„Се намалуваат капиталните инвестиции, а на сметка на тоа се зголемуваат платите, пензиите субвенциите и тоа на долг рок не носи развој“, изјави Голдстин.

Во поглед на вработеноста, Светската банка констатира дека невработеноста се намалила, но дека сè уште е висока во споредба со други земји. Како загрижувачко се посочува тоа што креирањето работни места, особено во последните две години, е значително зависно од мерките на државата. Според нивните зборови, овој начин на вработувања не обезбедува повисок економски раст.

„Посебно преку проектот „Македонија вработува“, којшто има фискални импликации со оглед дека овие работни места се ослободени од социјални придонеси и персонален данок од 3 до 5 години. Ова броја изнесува и до 80 проценти од вкупно креираните работни места“, изјави Бојан Шимбов од Светската банка.

Претставниците на банката изразија загриженост и поради тоа што продолжил да се зголемува јавниот и гарантираниот јавен долг. Тие предупредија дека 2020 и 2021 година се периодот кога Македонија ќе се соочи со отплата на долгот. Порачаа дека е потребно да се спроведе фискална консолидација за да се премостат годините кога ќе има зголемување на нивото на отплата.

Освен фискална консолидација и структурни реформи кои се потребни за да се стабилизира јавниот долг, СБ препорачува дека треба да се работи и на квалитетот на човечкиот капитал. Констатирани се и трендови на намалување на работната сила. Кај младата популација од 2008 година има пад на работната сила и тоа значи ограничување на идниот раст на земјата.

Повеќе од 40 отсто од активното население не е вклучено на пазарот на трудот.

„Во последните резултати на тестирањето спроведено во 2015, Македонија се најде на 68 место од 70 земји во светот. Во некои категории како читање практично сме и последни. Повеќе од две третини од 15-годишниците не поседуваат функционална писменост т.е писменост во вештини како математичка, читање и зборување, што е ограничување за долгорочен раст“, изјави Шимбов.

Регионалниот директор за Западен Балкан, Елен Голдстин, дополни дека проблем е што приватниот сектор е воздржан од инвестиции, компаниите не преземаат чекори и ризици во средини со висок ризик и оти е потребно државата да интервенира.

Светска банка препорачува на среден рок да се стави акцент на инвестициите, а помалку на тековните трошоци и развојот да се потпира на приватниот сектор.