Клучно е спроведување на законот за заштита на укажувачите

Арбен Дормиш, борец и автор на законот за укажувачи во Албанија и проект координатор на Коалицијата за заштита на свиркачи за Југоисточна Европа

Потребно е институциите да го спроведуваат законот за заштита на укажувачите и да се поттикнат граѓаните да го користат овој инструмент во јавен интерес, вели во краток разговор за Радио Слободна Европа, Арбен Дормиш, автор на законот за укажувачи во Албанија и проект координатор на Коалицијата за заштита на свиркачи за Југоисточна Европа.

Господине Дормиш, какви се вашите препораки за закон со кој навистина ќе се заштитат укажувачите?

Нема само една добра препорака за закон за укажувачи. Еден добар закон за заштита на укажувачите треба да има три основни столба. Треба да го препознава укажувањето како пракса, треба да воспостави канали за известување за укажувачите, треба да воспостави институции за истражување на извештаите на укажувачите и исто треба да се воспостави и механизам и квалитетни процедури за заштита на укажувачите.

Проблемот кога станува збор за укажувањето, особено во ова земја, а и во регионот, проблемот не е само во легислативата, туку е и културолошки. На пример, од сите луѓе со кои се сретнав во Македонија, па и во другите земји од регионот, имаа некоја своја интерпретација на тоа што значи да се биде укажувач. Мислам дека општеството културолошки не е подготвено за да може укажувањето да стане нормална активност во секојдневниот живот, каде што луѓето ќе можат да ги искажат проблемите на едноставен начин, како кога му кажувате на келнерот дека не сте задоволи од услугата.

Укажувањето е покомплицирано од тоа, но сепак треба да се наметне како природна појава, која нема да заврши само на донесување на закон. Вие имате таков закон кој ги содржи трите столбови кои ги спомнав, но имате проблеми. Еден од проблемите кои ги има вашиот закон е тоа што нема само една институција која го надгледува спроведувањето на законот, туку има многу, а со тоа се отежнува координацијата и правилната заштита на укажувачите. Дополнително е потребно да се работи на промената на перцепцијата и на стереотипите кои се шират дека укажувачите се предавници или шпиони, да се смени негативната конотација, за пошироката јавност да увиди дека укажувањето се прави за јавниот интерес, односно се укажува на негативни пракси во општеството.

Законот е само рамка за луѓето да може да делуваат, но проблематична е имплементацијата ако медиумите, невладините организации и владините институции не создадат атмосфера во која ќе бидат прифатени како позитивна работа укажувачите.

Како општество, како можеме да ги заштитиме укажувачите, имајќи ја предвид моменталната ситуација со корупција и со аферата за прислушување во Македонија?

Укажувачите не се посебна категорија, тие може да трпат последици на работното место, но може и да не се случи тоа. На пример во болница се користат лекови кои не се добри или со поминат рок и менаџментот за тоа знае, но продолжуваат да им ги даваат на пациентите. И во таква ситуација, ако еден доктор укаже на проблемот дека не е добро тоа што се случува, тогаш мнозинството ќе го ценат тоа, но на администрацијата тоа нема да и се допадне. Поради тоа може да се обидат да го преместат на друга позиција или да не добие унапредување. Ова се дел од последиците со кои може, а и не мора да се соочи. Поради тоа докторот може да влезе во механизам за заштита на укажувачите, за да биде заштитен од последици поради споделената информација. Тоа е заштитата што може општеството да ја пружи, да се прикаже јавниот интерес.

Може ли да се направи паралела меѓу Македонија и Албанија во областа корупција ?

Проблемот е во тоа откако започна процесот на транзиција во регионот, ние гледаме повторување на корупцијата. И тие што се против корупцијата, кога ќе дојдат на власт го прават повеќе или помалку истото како нивните претходници. Во основа ние имаме слична политичка корупција во целиот регион, каде што политички партии или индивидуалци доаѓаат на власт и ја користат моќта и владините инструменти за да бидат реизбрани и преку тоа да добиваат и стекнуваат сè повеќе ресурси за партијата, за своите пријатели и за себе си. Така што мислам дека ако ги отстраните имињата и локацијата ќе увидите дека е исто повеќе или помалку на целиот Балкан.

Разликата со Албанија е тоа што вие во Македонија имате една Влада која е толку долго на власт. Власта е како зависност, нешто како дрога, колку повеќе имате моќ, толку повеќе сакате да останете на власт како на пример со Ердоган или Путин, кои кога видоа дека уставот не им дозволи да останат на власт го сменија уставот. Таквите земји стануват сè помалку слободни и сè повеќе стануваат автократски.

Мислам дека тоа е случајот, но во одредени работи Македонија е различна од другите земји.

На пример, во Црна Гора Мило Ѓукановиќ остана долго на власт, но таа земја не е сиромашна, таа е помала земја, но нема големи економски проблеми. Поради туризмот граѓаните во Црна Гора економски не страдаа, па можеби и затоа не им сметаше толку долгогодишното владеење. Мислам не се богати, ама не се сиромашни. Легитимноста на некој водач да остане долго време на власт е издржливоста, доколку луѓето не се сиромашни, затоа што тоа до некој степен е прифатливо за нив. Но, сепак, на крај Ѓукановиќ се симна од власта.

Македонија е посебна по долговечност на еден лидер, кој, како што гледаме, по изборите бара да остане уште еден мандат и мислам дека со ова Груевски си одговара со Ердоган и Путин кои се 16 години на власт. Тоа е само по себе проблем.