Како може граѓанин да предизвика промени во едно општество?
Со цел да се направи промена треба да се погледне поголемата слика на целата ситуација. Мислам дека она со кое се соочуваме не само на Балканот, туку и во Европа, па дури и САД и други земји се соочуваат со слична ситуација. Демократијата денеска се соочува се многу добро организирани елити, многу добро организирани политички класи, многу добро организирани сопственици на медиуми, добро организирани бизнисмени и сите тие заедно добро организирани носат одлуки во име на демократија, во име на законите, во име на претставување на народот, но често гледаме дека на крај нивниот вистински интерес е да се збогатат. Па како тогаш да се справиме со ваквите многу добро организирани елити? Одговорот е едноставен, ние да се организираме и тоа многу добро да се организираме. Тоа е одговорот на прашањето како да се соочиме со нив. Ние имаме многу добри примери во Албанија како граѓани можат да урнат лоши одлуки со организирање, со решително застапување на својот став за или против одредена одлука. Има многу добри примери низ целиот свет кога луѓето добро се организирале и победиле и тогаш нивната волја се претвора во закон, нивната волја станува одлука, станува реалност. Групирањето и доброто организирање на поединците и невладиниот сектор во борбата за промени мислам дека е одговорот на овој проблем со кој се соочуваме.
Во изминатиов период сме сведоци на зачестените протести на граѓани низ целиот Балкан против одредени политики на Владите. Дали ова е еден вид граѓанско будење и создавање самосвест за граѓанската моќ?
Мислам дека луѓето почнаа да разбираат дека елитите се многу добро организирани, сфаќаат дека мејнстрим медиумите во поголем дел од времето ги лажат, почнаа да сфаќаат дека живеат во општество кое е организирано на начин што повеќе внимание се посветува на фасада отколку на суштинските проблеми зад неа. Луѓето повеќе се интересираат денеска за политиката и повеќе разговараат за политичките одлуки кои влијаат на нив затоа што многу почесто ја консумираат политиката преку социјалните медиуми. Пред само три, четири или пет години, контактот на просечен човек со политика беше само за време на централниот телевизиски дневник во 7 и 30 часот попладне и можеби пет до десет минути консумирање на политика и потоа можеби на мал кафе муабет за политика. Сега, секогаш кога го отворате телефонот консумирате политика, консумирате разни политички општествени одлуки, консумирате дури и гнев, незадоволство или задоволство, па и мислење на други луѓе, така што будењето на граѓаните, согледувањето на реалноста каква што е навистина станува многу пофрекфентно и поочигледно, па затоа сè помалку се прашуваат дали системот е во право, а сè почесто се прашуваат како да го сменат на подобро системот. И кога овие прашања доаѓаат на ред, а тоа сè почесто се случува, одговорот е дека прво треба да се организираме. И луѓето навистина почнаа да се организираат, и тоа се гледа во Европа, се гледа и на Балканот.
Која е негативната страна на ова?
Предизвикот сега е да не се дозволи ова граѓанско организирање да го злоупотреби гневот за разни авторитарни или популистички лидери кои доаѓаат од истиот систем. Да не се дозволи тие да го искористат тој гнев за да дојдат на власт, со цел само да направат смена да бојата на фасадата. Предизвикот е граѓанското организирање и обединување да биде под контрола на луѓето, или пак под контрола на вредностите на демократијата, односно од тие кои се држат цврсто до нив. Тоа е вистинскиот предизвик и мислам дека треба да се биде многу внимателен за ова прашање. На пример она што се случи во САД, стравувам дека политичарите, аналитичарите, граѓанското општество таму не ги читаат внимателно пораките на граѓаните. Тоа што луѓето го кажаа таму е дека им е доста од сите тие лаги, дека им е доста од сите фасади, но бидејќи немаа друга опција, тие избраа нешто сосема друго само поради промена. Пораката што јасно ја дадоа е дека тие не гласаа „за“ некого, туку дека се „против“ тоа што досега им се случуваше. Стравувам дека ако политичарите, медиумите, елитите, аналитичарите и граѓанското општество пропуштат да ја прочитаат оваа порака во Европа, можно е историјата да се повтори. Граѓаните ќе се бунат, ќе бараат промени, нема да гласаат „за“ некого, туку против. Мислам дека најлошо сценарио е кога граѓаните гласаат „против“ бидејќи тоа што доаѓа потоа секогаш е загатка. Никогаш не знаете што ќе следува по тоа, а последниот пат кога тоа се случи, имаше Светска војна.