Бавноста со која се одвива собраниската дебата за избор на членови на Комисијата за избори и именувања навестува дека таа може да заврши дури пред почетокот на летото. Поради ова, експертите сугерираат дека мора да се направи нешто за да се забрза работата. Според Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељаноски не ја води седницата коректно бидејќи дозволува да се води дебата надвор од темата-изборот на комисијата.
„Постои парламентарно мнозинство коешто едноставно може да побара тој да престане да ја врши функцијата претседавач и парламентарното мнозинство да си избере свој човек кој ќе ја врши таа функција“, вели Ристески.
СДСМ во понеделникот со потписи од 20 пратеници за претседател на Собранието го предложи Талат Џафери од ДУИ, но веднаш беше соопштено дека за да стигне таа точка на дневен ред, мора да заврши претходната и да се избере комисијата. За оваа точка од пријавените 51 говорник досега поминаа само тројца, што покажува дека засега динамиката е еден дневно, со реплики и контрареплики.
Собранието не е зградата, туку пратениците во неа кои имаат веќе верифицирани мандати и формирано парламентарно мнозинство, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кој смета дека сега тие треба да преземат, како што вели похрабар чекор.
„Друг начин е парламентарното мнозинство да се организира и да ја заврши конституцијата на парламентот. Не може изборот на една од комисиите, парламентот има многу комисии, да биде поважна од функционалноста на парламентот“, вели Муслиу.
Засега партиите од парламентарното мнозинство, СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците се молчаливи за тоа како ќе постапат и кои механизми ги разгледуваат. Еден од начините според Муслиу е министрите на ДУИ да излезат од Владата бидејќи во таков случај Собранието мора да ја прекине дебатата за комисијата за избори и именувања и да им ги верификува оставките.
„Тие ако ги дадат оставките некој треба за нив да се произнесе, а тоа е парламентот. Не е ова компјутер па само давате налози и тие се спроведуваат, ова е демократска парламентарна држава во која не може сите неодговорно да се однесуваат“, вели Муслиу.
И пратеникот од ДУИ Џеват Адеми уште во почетокот на неделава рече дека имаат план како да го деблокираат Собранието, но дека не можеле да го споделат со јавноста.