На зборови за ЕУ, на дела што подалеку од неа

Архивска фотографија - Евроамбасадорот Самуел Жбогар го предадава Извештајот на ЕК за напредокот на земјата на премиерот Емил Димитриев. 11/10/2016.

За евроатланските интеграции како стратешки приоритет на секоја влада слушаме во секоја изборна кампања, но не ретко и на јавните настапи на македонските политичари. Но, дали евроатланските интеграции станаа алатка во дневно-политичките надмудрувања и обидот да се собере поен повеќе?

Македонските евроатлантски интеграции неминовно влегоа во дневната политика. Една од причините е тоа што ЕУ е еден од клучните медијатори во процесот за решавање на политичката криза, анализираат експертите. Поранешниот државен секретар за европски прашања Перо Димшоски вели дека проблем е тоа што заложбите на македонските политичари за евроатлатската интеграција се само декларативни.

„Говорниот дел на политичарите и политичките партии, без да именувам ниту една, бидејќи кај сите тоа е исто, имаме една мантра за тоа колку е важно да се влезе во ЕУ и НАТО, а кога ќе се најдат во ситуација да можат да направат позитивен исчекор во таа насока, тие тоа не го прават. Значи имаме еден вид двојна игра овде, можеби злоупотреба на јавниот збор во кампања или за да се додворат на гласачите, бидејќи знаеме дека околу 75 проценти и покрај негативната кампања, се за членство на Македонија во евроатлантските институции“, вели Димшоски.

Нашите политичари дејствуваат спротивно од вредностите кои самите ги промовираат во текот на изборната кампања и во секојдневниот политички речник, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Интеграцијата во ЕУ и НАТО значи правна држава, слобода на изразување, непартизирани институции, владеење на правото, а нашите политичари не ги применуваат овие вредности, смета Незири.

„Овие проблеми кои самите ги создаваат политичарите со магично стапче ќе се решат само кога земјата ќе стане член на НАТО и на ЕУ. Со други зборови тие како да сакаат да кажат дека ние нема да работиме добро според закон, се додека не бидеме членка на ЕУ и НАТО. Како да бараат време и простор да делуваат спротивно од овие вредности со тоа што ќе застанат да го прават истото во времето кога би станале членка на тие институции“, вели Незири.

Парадоксално е кога политичари кои се инволвирани во коруптивни афери зборуваат за евроинтеграциите, вели Незири.

Евроинтеграциите и пречка и алиби

Упатените во оваа област велат дека политичарите тогаш кога не сакаат нешто да направат ги посочуваат евроинтеграциите како пречка или обратно кога нешто мора да направат, а не сакаат, велат дека имаат притисок од ЕУ.

„Да не за заборавиме како се манипулираше со извештаите за напредокот на Европската комисија со години, кога секоја од партиите си го прикажуваа само оној дел од извештајот којшто им одговараше или упатуваше на некаков напредок,сосема занемарувајќи го оној дел на извештајот којшто се повикува на проблемите и недостатоците. Исто беше и со акциските планови. Политичарите тоа повеќе го прифаќаа како технички инструмент за исполнување на технички услови без суштински промени“, посочува Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

Истиот впечаток го дели и директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. Тоа не е ништо ново, бидејќи и земјите членки на ЕУ ја играат истата игра, односно го користат процесот на евроинтеграција така како што им одговара во дадениот момент, вели таа.

„Она што кај нас сепак загрижува е подвоеноста и селективноста во однос на проектите од пристапувањето во ЕУ коишто им одговараат на политичките елити и ги усвојуваат додека пак од друга страна се оддалечуваат во пракса од самите европски стандарди. Кај нас во моментот гледаме нова ситуација, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ станува партија којашто се оддалечува од европската идеја како таква. Во изминатите години тука беше користењето на прашањето за името, но сега веќе премина во момент на јавно поттикнување на национализам придружен од притисокот на Европската унија во однос на решавање на политичката криза од прислушувањето“, изјави Кацарска.

Антиевропско расположение и навреди кон амбасадори

Иако еден од стратешките приоритети на Владата останува евроатлантската интеграција, во последниот период јавноста е сведок на антиевропско расположение и негативни и навредливи пораки кон странските дипломати. На протестите „За заедничка Македонија“ секојдневно можат да се видат транспаренти со антиевропски пораки, а не треба да се занемари и третманот кој еврокомесарот Јоханес Хан го доби при последната неодамнешна посета во Скопје.

За Димшоски загрижувачка е оваа тенденција на антиевропска политика, особено кога таа доаѓа од политичари кои имаат влијание во сопствената средина.

„Сметам дека се изгуби одговорноста за јавно кажаниот збор. Многу подгревање на национализам, на антиевропски менталитет, на антизападен менталитет во оваа земја, нема добро да му донесе никому, особено не на претставниците на тие опции од каде што доаѓаат тие „нови идеи“, а уште помалку на граѓаните, бидејќи ако нешто се покажа во овие 25 години е тоа дека Македонија припаѓа во тие евроатлантски институции“, смета Димшоски.

Трендот на омаловажување на странските дипломати од страна на ВМРО-ДПМНЕ трае веќе неколку години, а периодот тој ја достигнува својата точка на вриење, вели Маричиќ.

Неможноста да се манипулира со пораките од страна на политичарите доведува до тој анимозитет и за жал тоа ескалира до такви размери да луѓето имаат одбивност кон се што доаѓа од страна, велат упатените.

„Досега не се случило една земја од промотор на реформите во регионот да стане црна точка во тој регион. Тоа се случува во Македонија, така што и ЕУ и САД се загрижени за начинот на кој се одвиваат работите. Сите тие постапки на недипломатско однесување на нашите политичари и претседателот, односно одбивањето да се сретне со Хан, потоа грубиот речник кон дипломатите во Македонија сето тоа ја прави земјата држава која станува извозник на нестабилност и пример за тоа каква една држава не треба да биде“, изјави Незири.

Евроскептицизмот се зголемува

Но, дали и колку јавните пораки за немешање на Европа и западните земји во домашната политика го зголемуваат евроскептицизмот во земјава?

Последните истражувања на јавното мислење покажале дека довербата на граѓаните во ЕУ е околу 65 проценти. Сепак дел од нив сметаат дека Унијата е недоволно праведна и фер кон Македонија. Според експертите, тоа е резултат на акумулацијата на незадоволство од повеќе години, почнувајќи од бавниот процес на европска интеграција како објективен факт, но и спорот со името кој се наметна како субјективна пречка за влез на земјава во ЕУ и НАТО.

Според Кацарска, евроскептицизмот зависи од повеќе причини. Ако поради статус квото околу спорот за името, граѓаните ја губеа довербата во Европската Унија, последните две години довербата пораснала на 70 проценти и таа е стабилна.

„Она што загрижува во македонскиот контекст е перцепцијата за тоа кој е најголемиот стратешки партнер на Македонија и тука бројките во однос на Русија се значително пораснати и веќе се споредливи со оние на САД и ЕУ што не беше случај претходно. Моето толкување е дека оддалечувањето од пристапниот процес во Унијата, но и оддалечувањето на ВМРО-ДПМНЕ од европската агенда, влијаеше на поддржувачите на оваа партија да бараат алтернативни партнери, како што е во овој случај Русија“, вели Кацарска.

Сепак користејќи ги објективните недостатоци на процесот на европски интеграции, политичарите се обидуваат тоа незадоволство да го прошират во еврофобија која пак според експертите е многу опасна, зошто според нив, прогресивна иднина земјата може да има само во тие интеграции.

ЕУ со повеќе брзини, ама дали и кон Балканот?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Каде е Македонија во приказната за Европа?

Европската унија зафатена со свои проблеми како да подзаборави на Балканот. Сега таму веќе почна да се зборува за надворешни непријатели и за редефинирање на границите. И додека некои тоа го ставаат во графата „празни ставови на локалните политичари соочени со избори на Балканот“, други сметаат дека Унијата не треба да си игра со оган, особено не во време кога Русија гледа да зголеми влијанието во регионот.

Гоце Атанасов

Најновата реторика на политичарите на Балканот успеа во едно, западните влади повторно да бидат алармирани доволно за да почнат да го враќаат вниманието за регионот. Тоа го изјави и еврокомесарот Јоханес Хан кој призна дека владите го притискаат да излезе со конкретни идеи како да го зачува регионот стабилен. Резултатот е план за заеднички Балкански пазар кој би бил поддржан и од локалните лидери и од ЕУ и кој, според Хан, би создал 80 илјади работни места.

Но, некои, како поранешниот специјален пратеник на ЕУ и ОН за Балканот, шведскиот дипломат Карл Билд, сметаат дека императив на Унијата треба да биде целосна интеграција на Балканот. Според Билд, евролидерите и немаат друг избор, бидејќи се друго би значело проблем и за нив.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пак, деновиве изјави:

„Европската унија останува верна на ветувањето од Солун и целосно е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот“.

Но, само повторувањето на ветувањето дадено во 2003 година во Солун дека сите балкански земји ќе станат членки на Унијата нема да доведе и до зачувување на стабилноста во регионот. Притоа се спомнува одлуката на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кој преземајќи ја таа функција реши дека нема да има прием на нови членки на Унијата за време на неговиот мандат кој истекува во 2019 година.

„Јас не мислам дека беше грешка кога објавив во јули 2014 година дека нема да има проширување за време на мандатот на оваа Комисија бидејќи, како што всушност е, ниту една земја кандидат не е подготвена да се приклучи. Ние не ги запревме преговорите за проширување“.

Во декларацијата од самитот во Рим кој беше посветен на 60 годишнината од ЕУ се навестува Европа во повеќе брзини.

„Ќе работиме заедно кога ќе биде возможно, со различно темпо и интензитет кога ќе биде неопходно“, се наведува во декларацијата.

Источните членки на Унијата се против тоа, велејќи дека така само ќе им се дадат аргументи на евроскептиците кои јаваат на брановите на британскиот Брегзит, што пак ќе значи дезинтеграција на ЕУ, а со тоа, како што изјави Јункер во интервју објавено деновиве и до можна војна на Балканот.