Македонското општество е во криза уште од 90-тите години наваму, а населението со години е во лоша финасиска состојба, велат граѓани кои ги анкетиравме на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, коментирајќи го влијанието на моменталниот политички ќорсокак во земјата врз нивнииот секојдневен живот од економски аспект.
Некои од нив сметаат дека економијата на државата е во опасност поради актуелните случувања и стравуваат дека нивната финасиска состојба може да стане уште полоша и да бидат загрозени нивните работни места, додека други се со став дека и во вакви услови на македонската економија и оди добро и младите добиваат поволности за отворање бизниси.
„Јас сметам дека моето работно место е загрозено, затоа што во иста ситуација се наоѓав и 2002 година. Во 2003 година бев избркан од „Електро – Скопје“, таму бев вработен на неопределено време, кога не прогласија за технолошки вишок и не избркаа од работа. Јас истото го очекувам и сега“, вели Ѓокица Божиновски - вработен во државна компанија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Мујо Красниќ вели дека политичката состојба влијае на економскта, а економскта на политичката:
„Нашата финасиска состојба е релативно лоша и од порано, а мислам дека ќе биде и уште полоша“, вели тој.
„Македонија е цело време загрозена, цело време е во криза. Од 90-та година навака, ние цело време сме во криза, цело време имаме некои проблеми. Од лошо иде на полошо“, вели Ѕвонко.
Лиле од Скопје, пак, е со спротивен став. Таа потенцира дека во земјата се функционира нормално:
„Зошто да бидат затворани компании или фабрики“, прашува таа.
Сличен став има и Стоилко Цветковски:
„Економијата на Македонија тргна многу напред и многу добро, сите показатели кажуваат дека се оди на добро, е сега има малку застој и тој е евидентен“, вели тој.
Јован Ангелов вели дека економијата не е загрозена, а оти доказ за тоа се новите инвестиции во земјата.
„И покрај целата оваа вештачки наметната политичка криза, сепак доаѓаат инвеститори, се отвараат нови работни места, се нудат поволности за отворање на бизниси на младите луѓе“, вели Ангелов.
Формирањето на влада ќе значи побрзо излегување од политичката криза и со тоа ќе се намалат штетите кои во моментов и се нанесуваат на Македонија, коментира економскиот аналитичар Слободан Најдовски. Тој потенцира дека политичката ситуација има силно влијание на вкупната економија на државата.
„Во ваква ситуација не можете да очекувате нови инвестиции, ниту може да очекувате зголемени нарачки за соработка коишто ги имаат препријатијата со странство, што значи дека ќе влијае на извозот во државата“, вели Најдовски.
Тој додава дека одолговлекувањето на изборот на нова влада, освен што ги нарушува условите за напредок на економијата, се одразува и врз приходите во буџетот и врз целокупниот финансиски систем на државата.
Просечната плата за јануари оваа година е намалена за околу 700 денари во однос на декември минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Но, сепак декември е единствен месец од 2016 година кога просечната плата е зголемена скоро за илјада денари во однос на сите останати месеци.