Интервјуто за Радио Слободна Европа на македонски со поранешниот пратеник Насер Зибери, како и протестите наречени „За заедничка Македонија“ повторно ги вознемириле духовите на фановите на нашево радио и ги инспирирало за коментари и сопствени мислења на Фејсбук страницата. Проблемот е што нашиот народ никако да ги остави навредите по етничка линија и недоличниот јазик. Но, барем во нашиве прегледи нема да ги цитираме.
Зибери, покрај другото, кажува дека албанската Платформа им даде алиби за спас на Груевски и Иванов, а Софија Ачкоска коментира дека таа „ги извади од мртвите социјалдемократите кои станаа заложници на големата желба за власт и покривањето на сопствениот криминал“.
Љупчо Бујаровски смета дека неоткажувањето од неа покажувало оти се работело за конечна пресметка со македонското и дека било време Иванов да се сретне со Путин. Костадин Христов пишува дека на Груевски не му требало алиби затоа што победил на избори, а Садик Саити му реплицира: „Зошто тогаш не формира влада?“
Игор Димоски, пак, смета дека Заев избрзал и „тоа ќе го чини гласови“. „Требаше веднаш да оди на избори и ќе победеше, а вака Грујо го фати народот на лажен патриотизам“.
За хепенингот во Градскиот парк, во организација на иницијативата „За заедничка Македонија“, на кој деца цртаа македонски знамиња, Неда Дими напишала: „Болни умови, малтретираат и злоупотребуваат деца“, а Стефани Ниче вели: „Душички мали, па ние цртаме во училиште знамиња, со сите ученици, од сите етникуми, сите го сакаат тоа знаме!“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По појавувањето на багери и трактори на протестите „За заедничка Македонија“, Сања Михајловиќ препорачува на багерите „да ги закачат гаќите од 500 евра место знамињата зашто не се борат за интересите на граѓаните и државата, туку за лоповите што краделе да не одат во затвор“. Горан Ангеловски забележува: „Зимоска немаше кој снегот да го исчисти, а и поплава кога имаше кај бевте?“
Џезми Џезо го коментира нашиот преглед на пишувањето на неделниците, оној дел каде што Глобус пишува дека Груевски не излегува од премиерскиот костум: „Нека го носи уште некој ден, зашто ќе треба да носи пиџами, греота и скапите очила би му дозволиле да ги земе ама таму е мрачно и нема потреба“. И пак полемика и реплицирање околу тоа чие било Радио Слободна Европа, дали „комуњарско“ или „на Сорос“.