Карикатуристите се витези на доброто. Тие ја казнуваат неправдата, ги обелоденуваат гревовите и сами се казнуваат, но не за долго. Во моментот кога ја објавуваат својата весела предрасуда, тие го продолжуваат својот јуриш напред кон другите ветерници, исто како сервантесовиот Дон Кихот.
Со оваа премиса, Остен арт, органскиот наследник на ОСТЕН – поборникот за еманципирана мисла и слободно творештво уште од 1945 година, поддржан од Американската амбасада од Скопје, преку Програмата за доделување грантови за развој на демократијата, в сабота, на 25 март, во Битола го почнува својот нов проект - ДОЗА на САТИРА за ЗДРАВА ДЕМОКРАТИЈА.
Станува збор, првично, за четири Инфо средби кои во периодов што следува ќе бидат реализирани и во Тетово, Штип и Скопје.
Работилниците им се наменети на сите млади, будни и љубопитни лица од 14 до 20-годишна возраст, кои сакаат да научат нешто повеќе за карикатурата како визуелен медиум и во креирањето на критичката мисла во едно демократско општество.
На нив, на комплексен, креативен и забавен начин на пренесување на пораки за демократските вредности преку карикатурите, учесниците ќе имаат можност да осознаат како да застанат зад своите права и да делуваат како одговорни граѓани кои пред сè го почитуваат законот.
Корнелија Конеска, координаторка на проектот, истакнува дека кај нив веќе подолго време зреела идејата како младите луѓе да ги заинтересираат за карикатурата, посебно поради тоа што кога ќе се спомне Остен првата асоцијација е карикатурата, а се соочуваме со се помал број на карикатуристи во Македонија.
Дополнува дека Скопје од некогашен Центар на светската карикатура, кога за Светската галерија на карикатура доаѓале бројни авторитети на ова творечко поле, се претвори во една најблаго речено „скромна паланка“, па затоа сосема нормално дошла заложбата за еден ваков исчекор.
„Карикатурата е прекрасна како форма на изразување. Визуелна е, асоцијативна, со симболи и многу е погодна во оваа возраст што ние ја одбравме како целна група на децата да им ја претставиме како нешто преку што можат да осознаат, да ги изострат своите мозочни виуги и преку симболи да дознаат нешто повеќе за демократијата“, вели Конеска.
За таа цел организаторите упатија порака до карикатуристите од целиот свет да испратат карикатури на тема „демократија“ или поблиску со поттеми како „човекови права“, „правата на жената“, „слобода на говор“, „тоталитаризмот како опозит на демократијата“ и слично. Тие карикатури ќе бидат претставувани на средбите со учесниците во проектот, а на работилниците фокусот ќе биде ставен токму на споделувањето на погледите, критиките и размислувањата на зададената тема. Или зошто и натаму, како што своевремено рекол чешкиот нобеловец Карел Чапек, „Карикатурата е најдемократскиот начин на изразување на секое општество“.
Се надеваат дека на овој начин ќе ги остварат двете клучни цели – младите преку забавата и преку визуелната комуникација да се запознаат со вредностите на демократијата и, конечно, дека ќе пројават желба за подлабоко навлегување во тој свет.
Инаку, во реализацијата на работилниците, покрај Конеска, ќе бидат вклучени едукаторката Јулика Шундовска и познатиот и честопати наградуван македонски карикатурист Драган Поповски.
„Основната карактеристика на карикатурата е исмевањето на глупоста. Тоа е специјално важно кога глупоста е во симбиоза со моќта. Тогаш глупостите што ги прават моќниците на остануваат само како нивно лично обележје туку се рефлектираат на нашите животи“, ќе рече, во пресрет на проектот, Поповски.
Тој дополнува дека добрите критики за нивните постапки никогаш не допираат до нив, туку едноставно само исмевањето е она што ги тангира. Појаснува дека во недостиг на демократија наједноставно е карикатурата да се избрише од медиумите, но таа повторно оживува „овој пат во нивното огледало“.
„По правило се исмејува само власта. Таа ги управува нашите животи, а не опозицијата. Секако при исмејувањето треба да се задржи, да кажам, доброто воспитување и не смее да се исмејуваат личните карактеристики на моќниците туку само нивните дела“, посочува карикатуристот.
Кон ова само уште информацијата дека од кандидатите кои ќе учествуваат на секоја од работилниците во четирите града – Битола, Тетово, Штип и Скопје, по 10 девојки и исто толку момчиња ќе бидат одбрани да ги следат и да бидат партиципиенти на креативните средби на Поповски кои е планирано да се одвиваат во Галерија Остен во текот на септември годинава.