Претседавачот со конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав Трајко Вељаноски за во вторник во 12 часот закажа координативна средба на претставници на парламентарните политички партии. До ова дојде откако генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски претпладнево достави барање за продолжување на конститутивната седница на собранието потпишано од 67-те пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците.
„На координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кој ќе послужи како основ за закажување на продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија“, се наведува во соопштението од собраниските служби.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пак, денеска рече дека бараат час поскоро седница на Собранието. И тој нагласи дека мора да се одржи координација претходно за да се договори составот на Комисијата за избори и именување којашто е трета точка од дневниот ред за, како што рече, мазно да тече седницата, рече Заев.
„Јас би сакал и на 20, на 21, на 22, дури и порано од тоа да има влада Република Македонија, но секако тоа прво значи закажување на седницата, избор на претседател на Собранието, допис до господинот Иванов, негова одлука кога ќе го даде мандатот. Јас, верувајте, како потенцијален мандатар, нема да дозволам да се трошат 20 дена за преговори за нова Влада“, рече Заев.
По поднесувањето на иницијативата што докажува дека има ново парламентарно мнозинство, не гледам ниту една причина претседавачот да не ја свика седницата за да се конституира собранието и органите вклучително и Комисијата за избори и именувања, вели за Радио Слободна Европа потпретседателот на ДУИ Изет Меџити.
„Се друго би било кршење на Уставот и законите од страна на Вељаноски но јас сум оптимист дека ќе се испочитуваат Уставот и законите на Република Македонија “ вели Меџити.
Во меѓувреме обид за рeшaвање на политичката криза повторно ќе направат еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. Нивното пристигнување во вторник во Скопје денеска го потврди и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
„Заедно, тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана Влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино“, рече Коцијанчич.
Таа повторно се повика на изјавата на Хан дадена вчера во Сараево на Самитот на шест западно-балкански држави. Еврокомесарот таму ја истакна важноста од регионална соработка и предупреди на ризик од разгорување на тензиите, вклучително и меѓуетнички, преку изјави или дејствија што ќе ги поткопаат добрососедките односи.