Изборот на нови судии во Кривичниот и Врховниот суд, превирањата околу последниот годишен распоред на судии во Основниот суд и нивните прераспределби, одложувањето на дел од судските постапки и нивно одолговлекување, дополнително ја намалуваат и онака кревката доверба на граѓаните во судскиот систем, оценува стручната јавност.
Не само што судството не функционира, туку тоа е клекнато на коленици, дециден е адвокатот Звонко Давидовиќ.
„Прво би почнал со Судскиот совет, зошто рибата од главата смрди. Судскиот совет наместо да ги смири страстите и да ги среди состојбите, само ги зголемува тензиите. Затоа што постојано, кадровските решенија во судството се партиски обележани луѓе,“ вели Давидовиќ.
Во атмосфера на општа политизација на судската власт, Давидовиќ вели дека професионалните судии кои се уште ги има се чувствуваат незаштитени и не можат да го кажат своето мислење, па затоа се решаваат да молчат. Она што загрижува е што тековните состојби во судството имаат влијание и врз редовните започнати постапки.
„Поради ваквиот распоред, за редовните предмети ние имавме многу такви ситуации каде што предметите дошле до крај, буквално до завршни зборови и наеднаш поради промена на распоред на судиите, почнуваме од почеток, а постапките траат и по неколку години“ изјави Давидовиќ.
Квалитативните истражувања на Институтот за европска политика покажуваат дека довербата на граѓаните во судството е многу ниска, дури и пониска во однос на Владата. Ова според Малинка Ристовска-Јорданова од овој Институт може да се толкува на два начина:
„Ова е резултат на постојаната негативна слика која се добива за судството која е засилена последните месеци со многуте инциденти во судството, сите перипетии околу изборите, но тоа може да се толкува и со долгорочната инвестиција на Владата повеќе години да ја прикаже Владата како најдобра, а се останато дека е виновно за сегашната ситуација“, вели Ристовска-Јорданова.
Според неа, останува големата обврска за самиот судски систем, за граѓанскиот сектор, и за Собранието да воспостават некаков баланс, зошто резултатите од истражувањето укажуваат на непостоење рамнотежа на властите, односно огромна диспропорција која дополнително ја намалува довербата на граѓаните во судските инстанци.